Владата преку соопштение демантира дека Зоран Заев поседува луксузна вила на Халкидики, за чие постоење со фотографии објави бугарскиот портал BIG5.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

Медиумските содржини објавени во некои информативни гласила дека претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев поседува вила на грчкото приморје се лажни и тенденциозни. Владата на Република Северна Македонија, во име на премиерот Заев, категорично и целосно ја отфрла веста, дека премиерот Заев не поседува куќа во Грција.

Бараме сите медиуми коишто ја објавија лажната вест во целост да го објават овој демант, во спротивно ќе се преземат сите правни механизми во насока на зачувување на угледот на засегнатите страни. Владата на Република Северна Македонија останува на определбата за борба против дезинформациите кои се главен непријател на демократијата и општествениот напредок. Граѓаните имаат право на пристап до релевантни и вистинити информации и Владата преку јавните институции и отворената соработка со медиумите и медиумските здруженија воспостави нови практики на почитување на принципите на вистинитост, отчетност и транспарентност.