• Денеска, 13 Ноември, Скопје ја одбележува 76-годишнината од ослободувањето од наци-фашистичкиот окупатор за време на Втората светска војна.

Во моменти кога се доведени во прашање основните идентитетски прашања на Македонците со секојдневни напади од соседна Бугарија, која за да ги задоволи своите шовинистички национални интереси целата Втора светска војна се обидува да ја наметне како чисто граѓанска војна, не на Македонците, туку на Бугарите или на македонските Бугари, зашто, нели, Македонците, според нивната „историска вистина“, постојат само од 2 август 1944 година, Денот на ослободувањето на главниот град на Република Македонија добива посебно значење.

Како датум, 13 ноември, практично, значи дека „веќе постојат“ Македонци, кои тоа станале само неколку месеци претходно, и не е „спорен“ ниту за „бугарската историска вистина“, ниту за „бугарското признавање на современата реалност“. Токму овие формулации станаа основа за „пазарење“ меѓу Македонија и Бугарија, што произлегоа не од Договорот за добрососедство, туку од Декларацијата донесена од страна на Народното собрание на Бугарија и објаснувачкиот меморандум, што официјална Софија го испрати до земјите-членки на ЕУ како услов за одржување на меѓувладината конференција за почнување на преговорфите за наше членство во ЕУ.

Имајќи го 13 Ноември како повод, приведуваме дел од „Спомените“ на генерал Михајло Апостолски, командант на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, во кој тој дава свое видување за обидот на веќе отечественофронтовската бугарска војска да се прикаже и како ослободител на Скопје.

„…Политички комесар на оваа армија тогаш беше Штерјо Атанасовски (Раководител на Бугарската комунистичка партија. Кон крајот на 1943 година, заедно со Благој Иванов, од Москва, пристигнал при Врховниот штаб, а потоа при Главниот штаб на Македонија. Потоа, Гевгелиско-струмичкиот одред ги префрлил во Бугарија). Кога го дознав тоа, има закажав да дојдат нешто подоцна, но во истиот ден. Ги дочекавме во зградата на Мацура, близу до Офицерскиот дом. За таа пригода преуредивме една просторија, за да заличи на канцеларија. Ставивме биро, ќилими, фотелји и друго. И тука јас и Борко Темелковски ги примивме.

Јас им се заблагодарив за дејствувањето на нивната армија, бидејќи таа учествуваше во некои борби. Меѓутоа, веднаш им кажав дека, доколку дејствувањата ни беа координирани, тие немаше да имаат толку големи загуби. Таа армија даде многу жртви при заземањето на страцинските позиции. Им реков дека вината за тоатреба да ја бараат во своите команданти, кои не беа подготвени за борба. Потоа им реков дека натамошното присуство на Првата бугарска армија на наша територија не е потребно и затоа треба веднаш да си заминат. Им дозволив, доколку сакаат, да се одморат, да се задржат уште ден-два, но само надвор од Скопје. Им определивме и место за тоа. Задржувањето во Скопје им го забранивме. Тие чесно ги прифатија нашите сугестии, зашто и двајцата беа подобни личности. Штерјо Атанасовски беше стар револуционер, подоцна издаде свои мемоари, а Стојчев беше офицер од старата бугарска војска, демобилизиран во 1934 година, кога е извршен фашистичкиот удар, бидејќи бил лево ориентиран.

Набргу по нивното заминување, кај мене дојде еден командант на полк и ми рече дека сакале да одржат парада во Скопје. Во меѓувреме, влегле и некои единици во индустрискиот дел на градот. Ваквото барање и доаѓањето на некои нивни единици во градот, кај мене предизвикаа голем револт и лутина. Веднаш им реков дека нема да можат да одржат никаква парада во Скопје, зашто парада одржува само оној што се борел за Скопје, а тие пушка не пукнале за неговото ослободување. Им наредив веднаш да го напуштат градот.

Бидејќи не бев сосема сигурен дека ќе ме послушаат, наредив баталјонот на ОЗНА со пушкомитралези веднаш да се распореди на мостовите на Вардар и да ги спречи обидите на Бугарите за влегување во центарот на градот. Кога го видоа тоа Бугарите, се повлекоа. Ако дозволевме да одржат парада, денес никој не можеше да докаже дека тие, буквално, ни куршум не испукале за ослободувањето на Скопје. Нивната прва патрола, испратена во Скопје, од единиците што влегле во Куманово, на влезот на Скопје пристигна дури на 14 ноември утрото, кога Скопје беше целосно ослободено.

Но, само што ја отстранивме таа нивна махинација, добив писмо во кое тие бараа да испратам делегати, што ќе присуствуваат на поменот на бугарските војници, паднати во борбите при ослободувањето на Скопје. Тоа, исто така, многу ме налути. Веднаш испратив чета на КНОЈ (Корпус на народната одбрана на Југославија) со цел да го спречи одржувањето на поменот. За каков помен станува збор, на кои паднати бугарски војници, ве молам? Ете така успеавме да ја спречиме нечесната игра на Бугарите, со која тие сакаа да ги потврдат лажните информации, што ги емитуваше Радио Софија. За таквите нивни постапки и лажни информации јас испратив неколку телеграми до Врховниот командант…“