Откако вчера заврши расправата во Комисијата за уставни прашања која го усвои и последниот предлог амандаман за промена на Уставот на ред доаѓа и следната фаза.
Нацрт амадманите треба да бидат разгледани на пленарна седница што е закажана за 1 декември 2018 година.

Тоа е втора фаза од постапката за измена на Уставот. Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас, по што тие одат на јавна расправа.

По оваа меѓуфаза, Владата треба да ги изготви предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

Предлог амандманите треба да бидат разгледани од Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.


Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.

Со првиот амандман се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во член 36 каде има историски аспект, со вториот во Преамбулата на највисокиот правен акт одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор, со третиот се додава нов став со кој се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичка независнот на соседните држави, додека со четвртиот амандман се предлага покрај потврдување на македонскиот идентитет, да стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

Сево ова се прави за да се стигне навреме и Грција да го изгласа Договорот од Преспа во нивниот Парламент и да ги потпише протоколите на наш прием во НАТО.