Интернет страницата преку која граѓаните ќе можат да се пријават за вакцинација против Ковид-19, треба да профункционира од денеска.
Секој сам ќе може да се пријави, а системот ќе биде тој кој ќе генерира кои се приоритетни, информираше вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Освен по електронски пат со регистрација на интернет-страницата за вакцинација, пријавувањето за вакцини ќе се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.
Утврдено е како ќе се спроведува процесот на вакцинација против Ковид-19. Капацитетот за вакцинирање изнесува по 880 лица дневно во сите поликлиники во Здравствениот дом во Скопје и дополнителни близу 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје. Вакцинацијата ќе почне со здравствените работници и со лица над 70 години.
Засега се пријавени четири илјади работници, од коишто околу две илјади се во Скопје, останатите се во другите градови. Таму вакцинацијата ќе се спроведува во пунктови по примерот на вакцинацијата за сезонски грип, така што еве сега во првиот момент кога вакцините ќе стигнат може и практично да започне процесот на вакцинација, нагласи Филипче.
Во согласност со капацитетот на здравствениот кадар, во некои поликлиники и здравствени домови ќе има по повеќе вакцинални пунктови кои ќе работат во две смени за да може да се имунизираат поголем број граѓани.
Конкретно, конкретен пример, поликлиниката „Јане Сандански“, две смени во три пункта, што значи дека 240 луѓе на ден ќе може да се вакцинираат согласно физичките параметри на просторот – влез, излез, немешање, еден одреден период од 10-15 минути коишто после вакцинација граѓаните треба да почекаат заради евентуална појава на алергиска реакција, што е вообичаена постапка при вакцинација, се прави тој распоред, додаде Филипче.
Директор на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски вчера посочи дека направиле план во соработка со Министерството, со Комисијата и со Комитетот за имунизација.
Како што спомна министерот, во трите поголеми поликлиники „Букурешт“, „Јане Сандански“ и „Чаир“ работното време ќе биде од 8 до 20 часот. Во останатите четири клиники ќе работат во попладневните часови со боксови, со капацитетите коишто располагаме и мислам дека 22 позиции се доволни во овој момент да опфатиме се, додаде Исјановски.
До крајот на февруари во државава се очекува да пристигнат 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Во март се очекуваат вакцините на „АстраЗенека“ согласно КОВАКС механизмот. Премиерот Зоран Заев завчера најави дека следната недела можно е да пристигнат и вакцини од „Фајзер“.
Додека се чекаат првите вакцини против Ковид-19, во државата состојбата со коронавирусот и натаму се стабилизира. Вчера од направени 2863 тестирања, беа регистрирани 476 нови случаи. Починаа девет лица, а 407 пациенти беа регистрирани како оздравени.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 95.347, на оздравени 85.846, а на починати 2.955. Активни се 6.546 случаи, најмногу во Скопје – 3256, по што следат Охрид – 368, Кавадарци – 360, Куманово – 255, Тетово – 235, Делчево – 202. Во другите градови има под 200 активни случаи.
На инфективните оддели во земјава се лекуваат 591 пациент со Ковид-19, од кои во болниците низ државата 326, а во главниот град 265. Во ковид-центрите има околу 490 празни болнички кревети. Во Скопје околу 90 слободни болнички легла.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 69 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 90 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 32 пациенти, на ГАК три пациентки. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
Завчера лабораторијата на МАНУ утврди присуство на мутираниот сој од Велика Британија на Ковид-19 кај 45 пациенти.
Надлежните од Центарот за јавно здравје предупредуваат дека наредниов период очекуваат зголемување на бројот на нови случаи на британскиот сој, бидејќи тој многу побрзо се шири, односно е позаразен во однос на претходниот.
Министерството за здравство смета дека засега нема индикација дека треба да има заострување на мерките по појавата на британскиот сој кај нас, но се следи состојбата и се прават интензивни анализи на типот на вирусот.
Досега во светот се заразија над 107 милиони жители, 2,3 милиони починаа, а оздравеа 79 милиони.
Comments are closed for this post.