Од денеска стапува во сила новата препорака на Комисијата за заразни болести. Забраната за движење ќе почнува еден час подоцна, во 21:00, но нема да важи за претстојните празници, Велигден и Рамазан, ноќта меѓу 1 – 2 мај и меѓу 13 – 14 мај.
Според Министерството за здравство, бранот полека стивнува, се помал е бројот на заболени, а попушта и притисокот за прием во болниците.
Надлежните, сепак, апелираат – граѓаните и натаму максимално да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од КОВИД-19, а посебно да бидат внимателни при празнувањето.
-Одржавме состанок со верските лидери за да ја испратиме пораката да се изменаџира влегувањето во храмовите, во црквите и џамиите, се да биде согласно мерките и протоколите. Ако продолжиме понатаму, како и досега, да бидеме внимателни, да ги почитуваме мерките, пред се, за лична заштита, негрупирање, носење маски, ќе можеме да ја исползуваме верата и традицијата без да дозволиме да се зголемат бројките, но ќе продолжи и олабавувањето на мерките. Ако, пак, се опуштиме и не ги почитуваме мерките, ќе има повторно нови затворања. Тоа никој од нас не го сака, рече вчера премиерот Зоран Заев.
И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски апелира да се почитуваат мерките. Нема, како што рече, подобра заштита од тоа да бидеме сами одговорни во справувањето со КОВИД-19. Спасовски најави и посебни мерки за велигденските и првомајските празници.
– Оваа година мерките се порелаксирани од лани, но состојбата не е порелаксирана. Имаме сериозна состојба и треба да останеме сериозни и одговорни во овој дел. Затоа апелирам достоинствено да ги поминеме сите овие празници. Да празнуваме во кругот на нашите семејства, да не се групираме во верските храмови и објекти, изјави Спасовски и потсети дека покрај најновите мерки кои почнуваат од денеска, се уште важи забраната за групирање повеќе лица од четири, а има и посебни протоколи за организација на настани што би се одвивале на отворен простор.
Comments are closed for this post.