Дваесет и осумгодишник од тетовското село Џепчиште во СВР Тетово пријавил дека под закана со оружје насилно бил внесен во возило, а за неколку минути подоцна бил пуштен. Настанот се случил вчера околу 20 часот кога излегол од угостителски објект во селото.

Откако насилно бил внесен во „голф 7“ со скопски регистерски ознаки во кое се наоѓал 42-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица и уште неколку други лица, возилото се упатило кон населбата Дреновец во Тетово. Набрзо потоа 28-годишникот бил симнат од возилото. Нешто подоцна, Ј.А. самиот се пријавил во полициската станица Тетово, информира СВР Тетово.

Приведениот е задржан, а СВР Тетово најавува соодветна пријава.