Од ЈСП Скопје информираат дека се пуштени во продажба електронските картички „Скопска“ со нов дизајн. Нов дизајн имаат двата вида картички, персонализирани и неперсонализирани. Цената и функционалноста на новите „Скопска“ картички останува иста како и на старите, се наведува во соопштението од ЈСП Скопје.

Како што известуваат оттаму, новите „Скопска“ картички имаат и холограмска заштита, која овозможува поголем степен на безбедност од злоупотреба.

Идејата и одлуката за новиот дизајн на „Скопска“, од ЈСП Скопје велат дека е симболично врзанa со планираните новини што тие ќе ги реализираат во текот на годинава како набавка на нови автобуси и корекции во системот за наплата.

ЈСП Скопје планира во текот на месец април да воведе и електронски билет за едно возење, а од месец јуни да се имплементира и напредна апликација за смарт уреди со кои на граѓаните ќе им се овозможи максимална флексибилност при користење и купување на нашите услуги.

Паралено ќе биде извршена и надградба на системот за електронска локација на возилата што ќе овозможи попрецизно и визуелно иформирање на граѓаните со цел полесно планирање на патувањето, соопштуваат од ЈСП Скопје.