Наспроти демантите од Владата и од Кабинетот на претседателот на државата дека од Софија нема стигнато нов предлог за излез од ќорсокакот во кој се најдоа Македонија и Бугарија околу почетокот на преговорите за нашето членство во ЕУ, само наивните можат да веруваат дека нон-пејперот, што го објави телевизијата Клан, не постои. Зашто, основно правило во политиката е дека никогаш нема случајности.
А, дека тоа е така и во конкртетниот случај може да послужи еден текст на софиски Труд од минатата сабота, 11 септември. Извесен д-р Радко Ханџиев од, што е многу индикативно, Bulgarian Press Pool-Budapest, своите размисли за надминување на спорот ги наслови како „Зошто не Бугаромакедонија?“, а како повод го зема, наводно, предлогот на извесен, Алексеј Арестович, еден од советниците на украинскиот претседател, Володомир Зеленски, за промена на името на државата. Што ќе рече, нон-пејперот на извесен начин има украински терк.
Но, еве што пишуваше д-р Ханџиев:
„Повод за текстот ми дава пред неколку дена јавно објавениот предлог на претставници на режимот во Киев да се смени името на нивната држава во „Рус-Украина“ или нешто слично. Стана познато дека Алексеј Арестович-еден од советниците на украинскиот претседател, изјавл: „Русија сме ние-русите, русините. Би го сменил името на државата и би ја нарекол Рус-Украин, името би го направил двојно. Работиме на тоа. Тоа би ставило точка на прашањето“.
Каде е таа точка и што е прашањето не е сосема јасно. Зашто, од историјата знаеме дека Мала Русија е географски назив на историските руски земји, кои се дел од територијата на денешна Украина. Именувањето е утврдено во почетокот на 14 век во византиското црковно администрирање на Турово-Пинското и Галициско-Волинското кнежевства. Со зголемувањето на моќта на полската Реч Посполита (Rzeczpospolita) во текот на 16 век, малоруските земји потпаѓаат под владеење на полската круна“.
Во продолжение од текстот д-р Ханџиев дава историјат на украинско-советските односи и се потсетува на епизода од средината на 70-тите години на минатиот век.
„Бевме сведоци на нова серија од медиумски манипулации на скопските историчари.Ние, соработниците и специјалистите од Институтот за современи социјални теории, требаше да подготвиме предлози за аргументиран отпор на антибугарските провокации и напади. Божем на шега дофрлив зошто да не „посоветуваме“ група пратеници да му предложат на Народното собрание да го сменат името на нашата држава од Народна Република Бугарија во Народна Република Македонија или уште поточно во Народна Република Бугаромакедонија.
Моите аргументи призлегуваа од историјата-и во антиката, и во средниот век, географскиот поим Македонија често се меша, но секогаш е дел од историската бугарска земја. За време на византиското владеење (11-12 век) административната област (тема) Македонија ги опфаќа денешна Горна Тракија-од Пловдив до Одрин. Во средновековните хроники за богомилството се посочува дека неговата татковина е „бугарска Македонија кај градот на Филипа“. Од средниот век до Балканските војни (1912-1913) населението на Македонија има изразен бугарски етнокултурен облик. Едни од најактивните дејци на бугарската Преродба се родум од Македонија. Ако до ослободувањето нема канонизирана норма на официјален бугарски јазик, тие дејци говорат и пишуваат на југозападниот регионален бугарски дијалект“.
Во продолжение од текстот авторот дава историски приказ за формирањето на бугарската црква, па продолжува:
„Дополонително посочив (во средината на 70-тите години) дека населението на југословенска Македонија е околу два милиони, од кои две третини се „Македонци“, т.е. Бугари, а на територијата на Народна Република Бугарија корените на половината од бугарското население се од македонските земји. Однодно, ние имаме поголемо право да се нарекуваме „Македонци“, отколку тие во Вардарска Македонија!
Зошто тогаш на Народното собрание да не му предложиме да го разгледа преименувањето на нашата држава во Бугаромакедонија?…“.
Очигледно, нон-пејперот и текстот имаат одредена заедничка нишка. Ако во документот, што не се знае чиј е и од каде потекнува основата е формирање некакви бугаромакедонци, текстот само потврдува од каде, како и врз која основа би произлегле тие.
Comments are closed for this post.