Американскиот дипломат Метју Нимиц во разговор за Дојче веле открива што го мотивирало да истрае во долгогодишниот спор за името.

Секако дека го увидовме проблемот. Но и го решивме со Договорот така што луѓето се дефинираат како Македонци. Но името на државата е Северна Македонија, па логично е понекогаш да се користи и терминот ‘северномакедонци – северномакедонски’. Но етничкиот идентитет е македонски. Вие така се нарекувате, вели тој за Дојче веле.

Вели се обидувал да објасни на Грците дека ова не е нешто за што тие направиле отстапка.

Честопати си мислам дека ако бев паметен ќе го напишев договорот (од Преспа, н.з.) на кинески јазик, затоа што кинескиот е официјален јазик на ОН. Доколку го напишевме договорот на кинески, ќе ги немавме сите овие проблеми. Никој во Грција или Северна Македонија немаше да разбере што содржи тој, додава Нимиц.

Денес признава дека постојано се мачел со користење на официјалното име „поранешна југословенска Република Македонија.

Привремената референца во Обединетите нации воопшто не беше име на земјата. Тоа беше времена референца во очекување на име. Тоа ви е како јас и сопругата да добиеме дете и во болница да му напишат „синот на г-дин и г-ѓа Нимиц. И ако детето 20 години шета без име, тој или таа ќе расте во многу непријатна ситуација. Вашата земја беше заглавена со таа референца што беше понижувачки за државата, ја доведуваше во прашање нејзината легитимност, отвораше проблеми, а беше тешко и за мене како претставник на ОН да ја користам и постојано да повторувам ‘поранешна југословенска Република Македонија“.