Почина пацинетка од сепса, се заразила при рутинска операција во прилепската болница. Заразени се уште неколку пациенти. Почина Благојче од Битола чекајќи го лекот „трикафта“ за цистична фиброза. Зборуваме за македонското здравство во 21 век со доктор Игор Николов, претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Проблемите во јавното здравство не се од денс, но како дозволивме да ни умираат луѓе при рутински зафати и од болести за кои има лек?
Николов: Причината за овие случаи би ја барал во дисфункционалноста на системот. Да се размисли каква аномалија довела до ваква трагична состојба, особено да се постават прашања до Државниот здравствен инспекторат, кој ги контролира здравствените институции. Од него треба да потекнат предлози за корективни мерки за вакви архаични бактерии да не се појавуваат во системот. Прилепската болница е регионална болница со сериозен капацитет и затоа мора добро да се испита што точно се случило. Во ДЗИ има новоназначени раководители коишто не сме ги виделе речиси една година и да ги запознаеме и да ги видиме со нивната активност. За жал, имаме впечаток дека се делат раководни функции на коишто се поставуваат луѓе кои се оправдуваат на некаква бирократска процедура за што и да се случи.
Здравствените работници излегоа на протест. Бевте ли на протестот? Што бараат белите мантили од здравствените бироктрати?
Николов: Здравствените работници излегоа на протест на повик на Синдикатот за да ги побараат ветувањата што им беа дадени претходно. Тој беше најавуван уште во ноември како предупредувачки протест, но заради одредени ветувања на министерот за здравство тој се одложи. Денешниот протест покажа дека здравствените работници се прилично загрижени за состојбите во системот и од начинот на којшто се менаира исплатата на здравствените услуги. Бевме сведоци на доцнење, на ветувања за мотивација, односно покачување на личниот доход на средниот медицински персонал, медицинските сестри, болничарите… кои не веруваат дека ќе им се оствари тоа ветување. Денеска видовме сериозни протести коишто ги манифестираа повеќе здравствени организации. Јас секако бев со моите колеги.
На хероите од корона кризата им беше ветено покачување на платите од 10% годишно. Од Синдикатот велат дека токму тоа покачуање ги одлучило изборите пред 3 години. Но, добивте едвај 5%. Медицинските сестри сè уште ги чекаат ветените 2000. Ќе бидат ли лекарите антихерои на следните избори?
Николов: Интимното чувство на здравствените работници е дека се излажани. Во короната за херои беа прогласувани младите лекари, специјализантите, медицинските сестри, болничарите, техничарите, лекарите кои беа во првата линија. Бевме сведоци дела општеството се потпра на овие луѓе. Тогаш бевме ценети. Видовме многу храбри приказни, многу млади колеги, но и повозрасни, кои бескомпромисно се вклучија во битката со ковид 19. Но, во постковид периодот чувството на здравствените работници е дека тие се веќе непотребни и од т.н. херои чувствуваат дека се претвораат во антихерои, луѓе кои некакво покачување од 2000 денари треба да си го бараат на протести.
Овој протест се одржа поради надменото однесување на ФЗОМ. Морам да го повторам начинот на којшто ни се сервира дека сме биле под напад, но никој не сакаше да даде информација што се случува. Овој молк отвори сомнеж кај здравствените работници дека повеќе не му се потребни на ова општество и се поголема бројката на персонал кој заминува од јавното здравство.
Во короната видовме дека без јавно здравство не се функционира. Но, јасно е дека се урива јавното здравство. Лекарите заминуваат во приватните болници или во странство. Кој го уништива јавното здравство и кој се има корист од тоа? Дали со овие услови – неуслови и со хотелски цени луѓето свесно се туркаат во приватните болници?
Николов: Неколку илјади медицински сестри и доктори ја напуштиле државата и тоа е сериозно прашање на коешто треба многу да се работи. Здравствениот систем е комплексен систем на којшто треба многу да се работи. Дисфункционалноста на овој систем му годи единствено на приватното здравство. Ние не сме против приватното здравство, но не смее процентот на приватното здравство во здравствениот систем да надмине одредена бројка, зашто тогаш се загрозува функционалноста на целиот здравствен систем. Не можеме без приватно здравство, но не можеме ни без јавно здравство. Потребен е баланс меѓу овие два системи, коишто мора да ги направиме да бидат комплементарни.
Без специјализантите не се може, но, Фондот и клиниките немаат пари за нив. Од една страна се распишува оглас за специјализанти, од друга страна на клиниките им велат само кукате и без вас можеме. Кој си поигрува со младите лекари? Свесно ли ги испраќаме во Германија?
Николов: Без младите лекари не можеме да очекуваме дека ќе имаме здравствен систем. Младите лекари треба да стекнат искуство, а можат да го стекнат само доколку постои систем на пренос на знаење. Преносот на знаење е најдобар кога специјализантите работат и кога се мотивирани, односно соодветно платени за таа работа. Во моментов исплатата на специјализантите зависи од одлука на Управниот одбор на ФЗОМ. Помошниот медицински персонал мора да биде дообучен. Мора да им се посвети внимание и на средните медицински училишта за да вадиме компетентен кадар. Нашите компетентни кадри, за жал, заминуваат главно во странство. Се плашам дека ќе се соочиме со период кога нема да имаме комептентни кадри во здравството.
Пациентите се жалат од храната на сите клиники и од хигиенските услови на некои клиники. Единствено не се жалат од персоналот, но се свесни дека една сестра не може да опслужи еден, па дури два, три оддели. Од друга страна, во клиничките лавиринти викендот почнува во четврток попладне. Во петоците и да не можете да најдете лекар, па целата работа ја завршуваат неколку сестри на клиника. Обезбедување има, но секој може да влезе и да им се заканува на медицинските сестри и на лекарите. Сите овие работи ќе ги наследи ВМРО-ДПМНЕ. Подготвени ли сте за тоа? Од каде ќе почнете? Имате ли капацитет за еден мандат да ги помрднете работите од оваа точка?
Николов: Идната власт на ВМРО-ДПМНЕ ќе има два приоритети. Инфраструктурно подобрување и зајакнување на системот и кадровско зајакнување. За безбедноста – тоа е отворено инфраструктурно прашање. Нашите болници се павилјонски и обезбедувањето е многу тешко кога не е под еден покрив, кога не се влегува на една врата. Кога во моментот немаме ургентен центар, незадоволството на граѓаните доаѓа од тоа што немаме ургентен центар. Да дојдат на едно место каде што би се направиле соодветните испитување и потоа би се распределиле на која клиника треба да лежат и на која специјалност ѝ припаѓаат. Во последната година имаме оправдување зошто немаме ургентен центар, а тоа е дека се реновира Клиниката за токсикологија. Немаме ургентен центар затоа што немаме инфраструктура, нема нова зграда. Инвестирањето во инфраструктурата и во кадрите ќе бидат приоритет. Мора да се заврши Клиничката болница во Штип и мора да се доведе во напредна фаза Клиничкиот центар во Скопје. Кадровското зајакнување мора да се состои во стимулирање на кадрите и оние кои сакаат да останат, да бидат задржани во системот. Мора да се инвестира во едукација и во образование. Без едукација здравствениот систем не може да напредува. Во последните пет години сите едукации и одења во странство на лекарите се прекинати. Сведоци сме дека дека наместо лекари, организационите директори одат на конгреси за обука. Тоа е чиста злоупотреба.
Comments are closed for this post.