Потпретседателот и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање дали очекува да се отпочнат преговори со Европската Унија и што доколку тоа не се случи, истакна дека посакува почеток на преговорите со ЕУ, но дека не е оптимист оти истите ќе почнат, поради политиките кои ги води оваа Влада.
Николоски истакна дека Заев, Димитров и Османи треба да си поднесат одговорност затоа што лажеа за датумот за преговори на изборите минатата година.
Едно е дали сакам, друго е дали очекувам. Секако дека сакам и посакувам да Македонија конечно да почне со преговорите за членство во ЕУ, тоа го заслужуваат пред се македонските граѓани, но мислам дека шансите се мали да не речам никакви, сведени само на теорија. Не сум оптимист дека Македонија ќе почне за скоро преговори пред се заради политиката којашто ја води оваа Влада – истакна Николоски.
Во однос на предлогот кој власта го прифатила во преговорите со соседна Бугарија, Николоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ не добила никаков предлог, ниту, пак, знае за што Заев разговарал и прифатил.
Македонија треба да почне преговори за членство, но надворешната политика доживува целосно фијаско. Всушност и самото тоа што имаше предлог покажува дека Зоран Заев лажеше, кој прво вети, па потоа рече дека исполнил решавање на сите проблеми со соседите, па кога го потпиша оној штетен договор со Бугарија во 2017 година рече дека сите проблеми со соседите се решени, за да денес видиме дека воопшто не се решени, туку резултираа со вето од Бугарија за почеток на преговорите за членство. Сега гледаме дека тој Договор со Бугарија не бил доволен, па се даваат нови предлози коишто претпоставувам дека се надвор од Договорот – вели Николоски.
Тој потенцира дека политиката на Заев за распродажба на македонските национални интереси во замена за одбрана на криминал и корупција ја донесе Македонија да биде црна дупка и последна држава во регионот, па затоа треба да има промена на власта и мудра надворешна политика која ќе даде резултати, но и сериозно решавање на криминалот, корупцијата и реформа на јавната администрација.
Comments are closed for this post.