Седумтемина пратеници од најголемата опозициска партија и коалиција, кои гласаа „за„ почеток на постапката за уставни промени, согласно договорот со Грција, заедно со пратеничката на Социјалистичката партија, одлучија нивната нова пратеничка група да ја именуваат како Независни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.
Значи, нема да настапуваат како чисто независни пратеници, каква што, барем досега, беше собраниската пракса кога имаше случаи слични или исти како нивниот. Посебно, откако беа експресно исклучени од нивната матична партија.
Нивната определба значи дека сите останати пратеници од најголемата опозициска партија и коалиција се „зависни“ од утврдената партиска политика. Но, две работи веднаш паѓаат в очи.
Прво, дека со ова се наоѓаат во една парадоксална ситуација, според која многу полесно им е да се откажат и да го сменат името на државата, отколку името на партијата на која и припаѓаа. Или, името на државата го даваме, ама не и името на партијата. Што, со други зборови, дава и димензија дека зад ваквиот нивни чекор стои и обид за внатрепартиска борба за партискиот трон и самиот бренд ВМРО-ДПМНЕ.
И второ, што тие од страна на пратениците на мнозинството веќе се именуваат како западно ориентирани. Тоа прв го стори пратеникот од редовите на ДУИ, Артан Груби. Ова, пак, е во директна спротивност од секојдневните обвинувања на владејачкиот СДСМ на сметка на партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое се именува како антизападно или како антимакедонско.
ПресингТв денеска ја побара и пратеничката Елизабета Канческа Милеска, која е координатор на незвисната пратеничка група, со цел да добиеме коментар , но добивме смс порака дека е на состанок и дека ќе се јави кога ќе заврши. Но до пишувањето на овој текст и покрај нашето инсистирање, не добивме телефонски повик.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во гостување на една тв-емисија на своите довчерашни сопартијци им посака среќа, но беше дециден дека сигурно нема да имаат натамошна соработка. Зашто, како што рече, еднаш кога ќе се затвори, вратата не се отвора, особено за ваква работа.
Николоски оцени дека е многу нечесно да се користи името на партијата, нарекувајќи се Независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија„. Тој додаде дека ќе ги искористат сите правни механизми за заштита на името на ВМРО-ДПМНЕ, но притоа не прецизираше кои се тие механизми.
Comments are closed for this post.