По повод 24-годишнина на Охридскиот договор лидерот на ДУИ Али Ахмети се обрати до „сограѓаните Македонци, на македонски јазик“, преку колумна објавена на порталот 360 степени, и препратена до сите медиуми.
Тој вели дека друга држава нема и дека тој и Албанците се залагаат за унитарна, заедничка и еднаква Македонија.
„Наспроти тоа што ова го знаат и Црвенковски и Груевски, и Заев и Мицкоски, а го знаеја и нивните претходници, во нашите млади години, сите ние што се осмелувавме да се залагаме за еднаквост, нѐ гонеа за сепаратизам, национализам, шовинизам, а денес истиот пристап софистицирано се повторува со прогон и оцрнување за наводна корупција и криминал од истата доктрина и истите заробени умови кои ги карактеризираат граѓаните во граѓани од прв, втор, трет ред и сметаат дека државата им припаѓа само ним“, пишува Ахмети.
„Премиери и академици ми нудеа да ја поделиме Македонија, не прифатив. Ме оцрнуваа од тоа дека сум бил соработник на српските служби со фалсификувани досиеја, па сѐ до наводно корумпиран, но граѓаните секогаш се определуваа да нѐ поддржат нас“, додава Ахмети.
Во колумната тој тврди дека за овие 24 години, тој и неговите соработници се залагале да го спроведат Охридскиот Договор, да ја интегрираат земјата во НАТО и во ЕУ, да преземат одговорност за заедничката држава…
„Ретки се лидерите во нашето општество кои што му оддолеваат на искушението да зајаваат на бранот на национализмот и популизмот за пирова краткотрајна победа со далекусежни негативни последици за државата и за општеството. За жал, сведоци сме дека можело да се враќаме назад. Сведоци сме дека можело да се заборави минатото и да се повторуваат грешките во сегашноста кои што ќе нѐ чинат во иднината, и тоа од површни пориви. Барам и очекувам и Македонецот да ги почитува засебностите на мојот народ и да разбере конечно и без предрасуди дека од еднаквоста не губи ништо, напротив добива многу“, пишува Ахмети.
Comments are closed for this post.