До крајот на јуни, сега е почеток нели, до крајот на месецов јас очекувам барем една голема држава членка на ЕУ, ако не и повеќе, ќе направи еден политички потег со кој што јавно ќе го поддржи нашиот јазик и идентитет, што ќе биде еден вид гаранција дека не може да се загрозува било чиј јазик и идентитет, односно конкретно македонскиот, заради преговорите со ЕУ. Еве, тоа ќе биде еден придонес, гарантирање на една од најмоќните земји членки, да оставиме простор да не кажувам детали за да не го расипеме процесот.

Ова меѓу другото го изјави вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, во неговиот настап во „Само интервју“.

Ваквата негова изјава го отсликува целиот очај на власта во кој се најде со преземањето на обврската за менување на Уставот и вметнувањето на Бугарите во него, со цел конечно отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, нормално без обезбеденото потребно двотретинско мнозинство, но и бесмисленоста на дневно-политичките обвинувања за проевропски и антиевропски расположени политички сили во државата. И тоа што до вчера не можеше, сега одеднаш може-добивање гаранции дека македонскиот идентитет не може да биде предмет на преговори за членство во ЕУ!!!

Маричиќ не спомена за која држава или држави станува збор, но ако може една или повеќе, тогаш зошто да не можат тоа да го сторат сите земји членки со исклучок на Бугарија, која би останала црна овца во европското друштво, со неспорно право за свое вето?! Иако, кога станува збор за ваков тип на гаранции никој никогаш не може да биде сигурен. Зашто, на пример, и поранешниот претседател на СР Југославија и на Србија, Слободан Милошевиќ, ноќта кога го апсеа имаше добиено писмени гаранции дека нема да биде испорачан во Хаг.  Гаранциите траеја само неколку месеци и тој беше однесен во притворското одделение во Хаг.

Ова од друга страна, пак, го отвора прашањето како задутре, в среда, ќе разговараат премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за уставните измени кога споменатите гаранции не се ниту дадени, ниту потврдени? А, без целосни и точни информации не може да се стигне до посакуваната цел.

За волја на вистината, Маричиќ не е ниту прв, ниту последен домашен политичар, кој споменува ваков тип гаранции. Во целата низа, последен беше поранешниот министер за надворешни работи и исто така вицепремиер за евроинтеграции, Никола Димитров, кој во разговор за Дојче веле меѓу другото изјави дека „уставните амандмани се во рацете на двотретинско мнозинство во Собранието и би било крајно неодговорно, ако тоа не се искористи за барем да ги закрпиме дупките на европскиот пат што се гледаат со голо око. Ќе заличиме навистина на сериозна држава ако најдеме сили и зрелост, низ широк процес на вистинска демократска дебата, да формулираме државни позиции за патот напред“.

Тој наведе три примери за потребниот национален консензус за евроинтегративните процеси.

– Прво, бугарската негација на македонскиот јазик депонирана во контекст на нашата прва меѓувладина конференција во јули 2022 година, треба да добие европски одговор во форма на афирмативни официјални декларации на другите земји членки на ЕУ дека македонскиот јазик е дел од лингвистичкото богатство на Европа и дека по зачленувањето ќе биде еден од официјални јазици на ЕУ.
Второ, влегувањето во сила на уставните амандмани да се услови со бугарско прифаќање на нешто што е неспорно во 21. век – правото на самоопределување и самоизјаснување на македонскиот народ, или со зачленувањето во Унијата.
Трето, Софија бараше и успеа историските прашања од билатерални да станат дел од пристапниот процес со ЕУ, но форматот на Комисијата остана билатерален. Во Комисијата затоа мора да има и европски олеснувач со искуство од која било од историските комисии меѓу други европски држави. Едноставно е, по изневереното ветување од страна на ЕУ врзано со Преспанскиот договор, немаме луксуз да нѐ бидеме претпазливи и искрени со македонските граѓани, изјави Димитров.