Здравствениот дом во Скопје денеска доби две амбулантни возила за транспорт на пациенти, донација од Советот на Општина Чаир. Средствата наменети за новогодишно украсување, општината ги пренамени за поддршка на здравствените служби во борбата против ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче му се заблагодари на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу за високата општествена одговорност и свесноста во работењето.

Ова е значајна донација. Овој сегмент на Итната медицинска помош е еден многу сериозен и значаен сегмент во целокупниот здравствен систем, кој во континуитет го надградуваме. Целокупниот возен парк повеќе од 3/4 целосно е обновен, со набавката од Министерството за здравство, од донациите кои пристигнаа во изминатиот период – рече Филипче и додаде дека јавното здравство одигра и едно од клучните улоги во третманот, транспортот, првата помош и дијагнозата на пациентите со коронавирус.

Во овој момент трае процедура за вградување на посебни инструменти за GPS навигација и камери во сите возила во Здравствениот дом во Скопје.

За две недели ќе заврши целокупната инсталација и со тоа целосно ќе биде модернизиран и овој сегмент од Итната медицинска помош. Тоа значи дека во секој момент точно ќе се знае каде е возилото, каде е наоѓа, кога е испратено, за колку време ќе дојде од моментот на испраќање. Ова е една многу значајна постапка за модернизација на возилата за Итната помош – истакна Филипче.

Двете возила кои Опшитина Чаир ги донира на Службата за итна медицинска помош при Здравствениот дом во Скопје, чинат 2,6 милиони денари.

Сакам да им се заблагодарам на советниците на општинскиот совет со кој заедно го отворивме патот за реализација на ова хумано дело и едногласно на вонредната седница ја усвоивме одлуката овие возила да се донираат што побрзо и да бидат ставени во функција за ефикасна интервенција – истакна градоначаникот на општина Чаир Висар Ганиу и упати апел сите заеднички да продолжиме да се бориме со ковид-19 и да ги почитуваме мерките и протоколите што доаѓаат од надлежните институции.