Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа Зоран Заев, Јани Макрадули и Петре Шилегов – уште денес или утре да престанат со нивниот проект за стигматизирање на цели категории на граѓани, а кој што се однесува на налепниците на возилата поврзани со издувните гасови. Во моментов онака како што Заев, Шилегов и Макрадули замислиле многу мал број на возила односно само возилата на оние кои што можат тоа да си го дозволат ќе бидат обележани со зелена налепница, истака Влатко Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ
Оваа нивна мерка е директно насочена против средната класа во Република Македонија и против сиромашните. Затоа што нивните возила нема да можат да бидат забележани со зелена налепница. Тие луѓе со месеци, и со месеци нема да можат да ги користат нивните возила, нема да можат слободно да се движат и ќе имаат реални конкретни, практични проблеми во нивното дневно функционирање. И тие и нивните семејства.Значи уште еднаш со ваквото решение на Зоран Заев, Петре Шилегов и Јани Макрадули ќе изгубат илјадници, и илјадници дури и стотици илјади граѓани на Република Македонија. А, проблемот со загадениот воздух нема да биде решен., изјави Ѓорчев
Имаме ситуација во која што лицемерите од власта на СДСМ пред само една година маршираа по скопските улици со заштитни маски велејќи дека се што треба да се направи е само да се смени Коце Трајановски како градоначалник. А, дека утредента нивната власт, нивната влада, нивните градоначалници ќе донесат чист воздух. Сега не нудат никакви решенија, туку нудат гетуизирање и стигматизирање на средната класа во Македонија и на сиромашните во Македонија кои што не можат да си дозволат онакви возила какви што замислиле Шилегов, Заев и Макрадули дека тие требаат да возат, истакна Ѓорчев
Од град Скопје, на изјавата на Влатко Ѓорчев реагира со соопшение, односно информираа дека налепниците се дел од системско решение против загадувањето
Проблемот со загаденоста на воздухот не е од вчера, туку е повеќедецениски и за чие решавање е потребен сестран интегриран пристап, со реализација на голем број активности и мерки на краток, среден и на долг рок. Сигурни сме дека дел од решенијата нема да бидат популарни, но здравјето на граѓаните е од највисок приоритет и само со заеднички напори и жртва може да се постигнат резултати и подобрување на состојбата во оваа област, пишува во реакцијата на Град Скопје на денешната прес-конференција на членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, поврзана со предлогот за воведување систем на налепници при регистрацијата на возилата според нивното загадување.
Сакаме да ја информираме јавноста дека Градот Скопје, во рамките на своите надлежности работи на системско решавање на проблемот со загаденоста на воздухот, преку спроведување активности дефинирани со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот кој опфаќа 53 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки, се наведува во соопштението на Град Скопје.
Според стручните студии за загадувањето на воздухот во Скопје, се посочува, сообраќајот и возилата се вториот по големина загадувач со учество од околу 20 проценти. Со цел намалување на загадувањето во оваа област, потребно е, наведуваат, да се реализираат проекти и мерки од сите институции кои имаат ингеренции и задолженија во оваа сфера.
Comments are closed for this post.