Само на ден пред почетокот на јавната расправа во Собранието околу новиот закон за јавното обвинителство, аферата „Рекет“ и последното рочиште од серијалот на површина ги изнесоа сите валканици присутни не само во правосудството, туку во општеството во целина. За жал, оттука се наметнуваат нови дилеми. Пред се, дали расправата ќе се фокусира на обид да се заштитат политичките случаи на поранешното Специјално обвинителство или, пак, на се уште скриените учесници во „Рекет“. Или, ќе се направи микс и од едното и од другото, со цел да се прикрие „идиличната слика“ за (не)функционирањето на правосудниот систем, кој на секоја, па и на оваа власт и служи за политички цели.

Сведочењето на поранешната специјална обвинителка Лиле Стефанова само потврди дека една иста судница истовремено е полна со изобилство од „секс“, фекалии, политика, мачиња, уцени, провали, злоупотреби на позиции и функции, отворена моќ на старата и новокомпонираната олигархија, со…се, а најмалку со право, правда, правичност… Еднаквоста на сите пред законот е чиста флоскула, зашто тоа што се случува во судница и игрите во заднина едноставно не допираат до умот на обичните простосмртници.

-Оти мачето и го возев и затоа не чинам. Ороспија, гомнарка!

Вака ќе го испразни насобраниот гнев кон сведочењето на својата поранешна колешка Лиле Стефанова, бившиот „ангел“ и шефица на СЈО, Катица Јанева.  И миленичето Лео ќе се вивне во орбитата на славните на социјалните мрежи, расчистувајќи ја дилемата дали се работи за „мачор“ или навистина за маче, со привилегии да биде возено со автомобил на поранешното СЈО.

Но, тоа е само врвот на сантата лед. Зашто, кога една обвинителка во својство на сведок ќе обелодени дека меѓу емисарите за ублажување на мерките за претпазливост на осомничените од случајот „Империја“, покрај Катица Јанева, значи нејзината шефица-специјална, стои и името на судијката Добрила Кацарска, тогаш сликата станува појасна.

Да, судијката Кацарска од скопскиот Кривичен суд! Истата судијка која по основ на тероризам за настаните од „27 април“ осуди десетина луѓе на над 200 години затвор. Истата судијка, која направи превид, па човек со гаранција од стотици илјади евра се уште седи во притвор. И таа сега може да се згрозува и да се заканува со тужби за клевета. Може да прави што сака, но не може да избега од фактот дека стана симбол на корумпираното „Кацарска судство“. И тоа не заради обвинувањата на опозицијата, туку поради вистината дека и се случува исто, што им се случува(ше) и на осомничените како организатори на настаните од „27 април“ и на првостепено осудените „терористи“.

Сега, клучното прашање е кој по ова треба да покрене иницијатива пред Судскиот совет за нејзино разрешување?! И дали Судскиот совет ќе смогне сили да го стори тоа?! Или, едноставо, сите ќе затворат очи и ќе се прават дека ништо не виделе, ништо не слушнале, ништо не се случило?!

Обвинителката Стефанова, свесно или несвесно, намерно или не, ја обелодени и политичката заднина на постоењето и функционирањето на СЈО. И во поглед на неговите предмети и во поглед на „Рекет“, независно од тоа чии политички и бизнис имиња стојат во заднина.

Катица Јанева самоиницијативно или по нечиј диктат, она најдобро си знае, се пазарела со мерките за претпазливост за осомничени лица од повеќе предмети или со нивно ослободување од вина, зашто тоа „било важно за политичките процеси во државата“. А, зад тие политички процеси, како што ќе објасни Стефанова, стоеле токму носењето на законот за јавно обвинителство и уставните измени по насилната промена на името на државата!

И за ова многу добро знаеле многумина. Сега на потег треба да е актуелната шефица на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција Вилма Рускоска. Таа или ќе се издигне над ситуацијата и ќе покрене постапка за (зло)употреба на правосудството за остварување политички цели, или и самата ќе се „удави“ во истата вода во која се „удави“ и Катица Јанева. Порано или подоцна.

Кому му го платил станот од 120 метри квадратни поранешниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски во вредност од 80.000 евра? По наредба на Јанева, станот не е ставен во стечајната маса за еден од предметите на СЈО. И Василевски не е само бивш директор на МЕПСО и функционер на СДСМ, туку бил и член на Советот на јавни обвинители! Или, и ова ќе остане само уште една слика за тоа како ни функционира правосудниот систем, без да се преземат конкретни чекори и мерки за одговорност!?