Сериозни критики се наведени во годишниот извештај на Европската комисија за Македонија. Забелешките на Брисел се движат од судските преку реформите во јавната администрација и справувањето со корупцијата до силната поделеност и партизираност во работата на парламентот.

Во делот на политичките критериуми се вели дека Македонија продолжува со напорите за зајакнување на демократијата, паралелно соочувајќи се со предизвици во областа на владеењето на правото.

Судскиот систем и борбата против корупцијата се оценети дека се наоѓаат меѓу „некакво и умерено ниво на подготвеност“.

Немаше напредок во судството во периодот опфатен со извештајот. Судскиот совет треба да се стреми кон заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите… Контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет донесе загриженост за политичко влијание. Усвојувањето на нова стратегија за судството доцни“, пишува во извештајот.