На 12 илјади вработени, осигуреници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и идни пензионери, кои се во двостолбниот пензиски систем повеќе години не им биле префрлани средствата во вториот столб, со што секој од нив поединечно изгубил околу 400 илјади денари. Пакетот документи од анализата со која се утврдила состојбата ќе бидат достави до основното јавно обвинителство. Владата, пак, во Буџетот за годинава обезбедила 19 милиони евра за да ги обесштети овие граѓани, обелодени денес министерката за труд и социјлана политика, Мила Царовска.

По направената анализа на пензискиот систем заедно со меѓународните финансиски институции се утврди скандалозна неправда што се однесува на 12 илјади осигуреници или идни пензионери. На овие 12 илјади лица воопшто придонесите не им биле префрлани кон вториот столб иако работодавачот го уплаќал придонесот. Финансиските средства останувале во пензискиот систем во првиот столб. Секој од овие граѓани со просечна плата меѓу 2007 и 2018 година изгубил околу 400 илјади денари, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа појасни дека со по утврдената состојба со пакетот законски измени кои ги понудило МТСП за стабилизација на пензискиот систем, се создала можност на овие граѓани да им се вратат средствата или да се обештетат.

Обезбедивме 19 милиони евра во 2019 година со цел, не само да се вратат придонесите кои не им биле префрлани во вториот столб, туку и приносот што требало да ја остварат во изминатиот период, рече министерката.

Овие осигуреници во наредниот период ќе добијат писма од пензиските друштва и од МАПАС дека се распоредени и имаат индивидуална сметка, со што се овозможува да имаат целосна пензија кога ќе се пензионираат.

Министеката рече дека станува збор за релативно млада група работници или осигуренци, во најголем дел на околу 40-годишна возраст, со први вработувања. Меѓу осигурениците има вработени и во јавниот и во приватниот сектор. Најголемите задршки, според Царовска, биле правени меѓу 2009 и 2010 година.

Таа не скаше да коментира на што се должи и кој е одговорен за ваквото не префрлање на средствата на осигурениците. Ќе ги доставиме сите документи до ОЈО, рече, кое треба да истражи зошто во тој даден перод средствата не биле распоредувани и каде завршувале.