По најавата дека мостот во продолжение на булеварот „АСНОМ“ во Аеродром ќе биде пуштен во употреба следниот месец, се појавија сомнежи дека нема каде да води тој мост со оглед на тоа што од страната на Ќерамидница нема булевар во продолжение.

Од Град Скопје појаснуваат дека мостот првично ќе води по споредните улици од страната на Ќерамидница, а булеварот треба да биде пробиен до јуни 2022 година, со што Аеродром ќе се поврзе со Центар и од таа страна, а намената му е и да ги прифати и донесе возилата до „Ист гејт мол“, каде со изградбата на трговскиот центар и повеќето згради за домување се очекува да гравитираат илјадници луѓе.

Ги разбирам реакциите кои ги видовме по интернет страниците и по социјалните мрежи. Тоа што би сакал да појаснам, а и не беше јасно доволно јасно за граѓаните, е дека овој проект се работи во три фази. Првата фаза е пробивањето на булевар АСНОМ од страната на Аеродром, тоа што веќе го гледаме тука. Втората фаза е мостот Михајло Апостолски, кој што е при крај и може да се види. Третата фаза е пробивањето на булеварот од Керамидница, па се до мостот и како целосно булеварско решение – изјави портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.