Освен морска храна, Владата направила набавка на скапи пијалоци во екот на епидемија со корона. Додека граѓаните и стопанството едвај врзуваат крај со крај, за владата на СДСМ не постои криза, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие парите ги трошат за набавка на 2 тони сортно вино, 45 литри бурбон виски, 90 литри шкотско виски, 30 литри шампањ и вотка. Ова го набавуваат како продолжеток на досегашните милионски набавки на школки, шкампи, лигњи, октоподи и друга морска храна, но и апетисани, фстаци, лешници и бадеми.

Лицемерите од СДСМ бараат граѓаните да донираат пари, а владата потоа набавува скапа храна и пијалоци за себе. Македонија поради нивната неспособност и неодговорност е рекордер во регионот по смртност од корона вирусот, а здравствените работници немаат доволно маски, ракавици и медицинска опрема – посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека во првите 3 месеци од оваа година веќе имаат создадено долг од нови 120 милиони евра, односно 250 евра за секое семејство.

Стопанските субјекти се затвораат, а илјадници работници останаа без егзистенција, но важно власта на Заев набавила октоподи, бурбони, фстаци и лигњи за себе. Секој денар во справувањето со економската и здравствената криза е неопходен и затоа мора веднаш да ја откажат оваа набавка, за да може средствата да завршат онаму кај што е најнеопходно, во здравството и стопанството, стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.