Северна Македонија и Албанија се подготвени. Двете земји се европски земји, тие не се на надворешната граница на ЕУ. Во наш интерес е Западен Балкан да стане дел од заедницата – порача високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Според неа, довербата во процесот на проширување на Европската Унија ќе настрада ако не почнат веднаш преговорите за пристапување на двете земји и Унијата не треба да се откажува од најефикасниот инструмент за постигнување мир. Таа се надева земјите од ЕУ да донесат мудра одлука за итно започнување на преговорите.
Оптимизмот на Могерини го делат и во Владата на Македонија, па така, вицепремиерката Радмила Шекеринска е убедена оти оваа година ќе преговараме со ЕУ. Шекеринска очекува во заклучоците на Советот на ЕУ да биде констатирано дека сме ги исполнуваме сите услови и оти тие ќе бидат поддржани од сите земји членки на Унијата.
Не постои ниту еден аргумент и алиби кој некој ќе го извади и да каже ова и ова не е завршено и тоа мислам дека ни ги засилува позициите оти тоа не е став само на Комисијата, туку ќе биде став на земјите членки. Тоа мора да го гарантираме во заклучоците поддржани од Советот, истакна вчера Шекеринска.
Во однос на ставот на Холандија за Албанија, министерката рече дека Холандија го има тоа ограничување и оти тоа, според неа, нема да се промени во јуни или јули.
Ние сакаме двете земји да почнат да преговараат оти мислиме дека е покорисно. Меѓутоа, во одреден момент секој има одговорност да ја бутка агендата на својата земја. Франција гледа дека сега немора да излезе со одговор затоа што Германија нема време за да пресече – појасни Шекеринска.
Comments are closed for this post.