Старо правило е дека случајностите (не)се случуваат случајно, а уште помалку повеќе случајности да се случуваат случајно. Ова особено ако станува збор за временски рок од само два дена.

Случајно. Се почна со воведниот настап на премиерот Зоран Заев на собраниската седница посветена на уставните промени, кога, меѓу другото, се заложи тие да бидат искористени како можност за простување и помирување, што ќе рече меѓу левата и десната страна во собраниската сала или меѓу власта и опозицијата. А, како основа за тоа да послужат настаните од 27 април минатата година.

Случајно. Суштинското прашање, што веднаш се наметна во јавноста, беше дали со тоа премиерот нуди амнестија на обвинетите во замена за гласање на уставните промени, согласно договорот со Грција, од страна на опозициските пратеници за да се стигне до неопходното двотретинско мнозинство. Премиерот не стигна самиот ни да се дообјасни, а вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, се јави со порака:

Правдата и помирувањето не се исклучиви, тие се надополнуваат. Пораката што ја испрати  премиерот беше токму во таа насока дека на оваа држава ѝ е неопходна правда.Тоа го ветивме и тоа го работиме. И покажуваме дека власта не е таа што одлучува како треба да функционира правната држава.
Таа истакна дека Владата не се меша, ги почитува основните права, но во исто време поделена држава не е држава која оди напред.  
Случајно. Ако Владата не се меша и власта не е таа што одлучува како треба да функционира правната држава, тогаш чуму беше нејзиното соопштение со препорака до Уставниот суд да не ја прифаќа иницијативата за оценка на уставноста на одредени членови од Кривичниот законик? Или оценката дека одредената мерка притвор за една граѓанска активистка за користење опијати е престрога? Инаку, да, вицепремиерката е апсолутно во право кога вели дека поделена држава не е држава која оди напред.

Случајно. И додека траеја овие (до)објаснувања стигна информацијата дека судијката Добрила Кацарска, која го води предметот токму за настаните од 27 април, од закажаното рочиште на кое требаше да се сослуша заштитен сведок, прво ја исклучи јавноста, потоа, наводно поради несоодветни услови, сослушувањето го префрли од новата во старата зграда на судот и на крајот со по 1.000 евра ги казни адвокатите на обвинетите. Три во едно!

Случајно. Реакциите на адвокатите, на Хелсиншкиот комитет, на Коалицијата Сите за правично судење, на Адвокатската комора како да останаа во сенка на ФБ-статусот на новинарот Саше Димовски, кој долги години го следи секторот судство во Македонија:

Кaцaрскa, спрoтивнo нa зaкoн гo зaтвoрилa зa јaвнoст судењетo нa кoе искaз дaвa зaштитениoт сведoк. Си мислaм декa судoт не му гo штити идентитетoт, бидејќи тoј му е зaштитен сo 2 зaкoни, туку гo штити искaзoт кoј е мaлку лaжен. Зaштитениот викa декa групaтa нa Јaне Чентo физички гo нaпaднaлa нoвинaрoт Герoвски. Герo викa не е тaкa, имaл сaмo вербaлнa ФБ рaспрaвијa… Мaли детaли oд зaд “зaтвoрени врaти”…

Случајно. За што и да станува збор, судот си ја продолжи работата во новата зграда и пак со сослушување на заштитениот сведок. Нормално, во присуство на адвокатите и на тие доделени по службена должност. А, што толку се сменило во условите за само еден?! Освен тоа што се покажа дека судот како да има моќ на претскажување, па без никакво влијание, нели, ослободи од домашен притвор двајца пратеници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, кои се обвинети за настаните од 27 април, и тие веќе ќе можат да учествуваат во работата на Собранието и да (не)гласаат за уставните промени. Така, случајно, ем „правда„, ем „помилување„, ем „простување„, ем „помирување„!? Тука, четири во едно. Навистина, зошто ова не се случи претходно?

Случајно. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, во интервју за ДВ со порака: „Ајде да направиме амнестија, би гласал за уставните измени. Соло став, што не се совпаѓа со оној партискиот“.

Случајно. За време на парламентарната дебата за уставните промени неколкумина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат премиерот и нивниот лидер Христијан Мицкоски да седнат и да се договорат за излез од кризата. Заев ја прифаќа фрлената ракавица, ама само вербално и театрално. Никако да се најде време за конкретни чекори и реализација. Случајно.

Случајно. ВМРО-ДПМНЕ бара нивниот лидер да се обрати на собраниската седница. Барањето е одбиено.

Случајно. Мицкоски во интервју за ДВ најавува дека неговото подготвено обраќање ќе биде познато за јавноста многу скоро, за ден-два.

Случајно. Вес Мичел преку американската амбасада во Скопје со порака за разочараност од делувањето на Мицкоски и партиското раководство околу уставните промени.

Случајно. Наместо брзи, вонредни праламентарни избори, досега јалова собраниска дебата за уставни промени, што се сведува на чисто купување време.

Случајно. Од Атина стигнува вест за оставка на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, првата политичка жртва на договорот од Нивици.

Случајно…Многу случајности за да се случуваат случајно!