Колку злоупотреби од тајните служби по глава на жител може да поднесе Македонија и кога еднаш ќе им се стави крај? Вербата во последново кај граѓаните не е голема, имајќи го предвид исходот од претходните такви случаи. Верувате ли вие во разрешница на последниов случај? беше прашан премиерот Мицкоски во интервју за „Дојче Веле“

Христијан Мицкоски: Се согласувам дека процентот на доверба во правен исход, особено кога случајот е доведен пред портите на обвинителството, е многу низок. Но, во исто време, ова е случај што ние одблиску ќе го следиме. Институциите работеа во изминатиот период и тие индиции и доказни материјали се предадени во Oбвинителството. Организирањето следење не било само од АНБ, туку и од АР. И двете биле користени за лични и политички цели. Кој бил интересот на државата да следи новинари, медиуми или моите деца? Тоа кажува дека системот во рацете на тие луѓе забегал. Затоа уште повеќе инсистирам овој случај да биде разрешен, затоа што има тренд, неславна традиција на злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби овие три децении. Индикативно е што тоа се горе-долу истите луѓе кои ги одработуваат ваквите масовни злоупотреби, со што го разнебитуваат системот и нанесуваат штета не само на индивидуи и нивните семејства, туку и на целата држава, уривајќи ги демократските темели врз кои треба да почива системот. Време е да се стави крај и да се испрати порака дека тие не се посилни од државата.

Дали индициите за злоупотреби во АНБ, но и во АР, за кои вие и претходно алармиравте, го легитимираат ставот за реформирање и реорганизација на АНБ и АР со нивно спојување во едно тело – идеја за која и надвор од ВМРО-ДПМНЕ има поддржувачи, но и опоненти?

Одговорноста што треба да се лоцира е само еден сегмент. Вториот сегмент е подеднакво важен – превенцијата и напорот тоа да не се повтори. Искуството нè учи дека е очигледна потребата од реформи и потребно е да се рационализира овој дел од безбедносниот систем. Сè што би се правело ќе биде во координација со нашите партнери и сојузници. Ќе се земат предвид најдобрите искуства и нивните препораки. Но кога тоа ќе се случи, во моментов не може да се каже, сепак е потребно време за да се направи план за една сеопфатна и длабока реорганизација на службите. Настаните само докажуваат дека нешто мора да се преземе, дека службите треба да имаат системи на цивилна контрола, да се раководат одговорно и професионално и да се спречува нивна злоупотреба. Со оглед на тоа што го објаснува опозицијата, па дури и нивниот поранешен директор кој упорно си ја „брка мувата од капата“, тие можат да измислат причина за секој во државата да биде следен и да ја поткрепат со измислена изјава на двајца нивни соработници. Потоа да почнат да следат некого, а зад тоа вистинските цели и намери да бидат политички, бизнис или рекетарски. Наместо да се занимаваат со бандите од Грчец, Арачиново и со криминалот на ДУИ и нивните функционери, или со криминалот на сите политичари од 90-тите па до денес, или со повратниците од Сирија, службата ме следела мене и моите деца. Тоа може да го направи само болен ум. А тој болен ум може да најде медиокритети кои потоа ќе го правдаат тоа на секој можен начин по медиумите, тврдејќи дека службата си ја вршела својата работа следејќи криминалци, па „случајно“ Мицкоски се фатил на јадицата. И? Вам тоа ви изгледа логично? Или е само лажно оправдување за да ме следат? Ако било така, зошто не сум уапсен? Ако сум направил нешто компромитирачко или противзаконски, зошто нема пријава против мене?

Во меѓувреме слушнаме одредени изјави од поранешен директор на АНБ, но и прашања од СДСМ, кои пак отвораат дополнителни прашања…

Како тоа сега измислуваат различни изговори, откако се фатени живи, СДС едно кажува, Димовски друго, па се заплеткуваат и дават во сопствените тези, така што е јасно како бел ден дека се уплашени. Сакам уште еднаш да им порачам, секој што учествувал во тоа ќе одговара. Ако имало нешто против мене, зарем тие, како бран залетани – би ми простиле, кога половина ВМРО и виновни и невини ги натрупаа во случаи? Сега, пак, се уплашени, а јас со задоволство гледам како се прпелкаат од страв, паника и полни со неизвесност. Не знаат дали некој пропеал, дали сè се знае или само дел, дали ќе има конечна разрешница. Во оваа состојба, тие не се ни свесни до крај дека ова нема добро да заврши за нив. Затоа губат време пишувајќи анонимни писма, и тоа токму инспираторите на ова – како ќе глумат жртви, како ќе напаѓаат ширејќи магла и дезинформации. Забавно е да се гледа како тие исти инспиратори се мобилизираат и ги мобилизираат сите нивни соработници, кои „никнуваат“ од разни страни. Сè си се покажува точно како што очекувавме. И јас сум задоволен од тоа што досега се случува. И тезата дека сум „случајно“ фатен додека следеле други е смешна и истовремено трагична теза која е невистинита и наивна, па ако е така зошто тогаш само мене ме следеле и очигледен фокус на следењето сум јас? Ако сум „ловен“ преку други, тогаш за нив ќе има документација, а вака само за мене има. Тотална небулоза им е тезата и срам ми е дури и да ги слушам како се препелкаат и преткаат со рацете, па ако удрат и погодат нешто – супер. Па овде живее искусен и мудар народ. Ви ги знае триковите. Ве виде на дело. Каде е животот што го ветувавте? Срамни се овие потценувања кон сопствениот народ кои упорно ги продолжуваат. СДС, за жал, не се менува и огромна е опасноста како тргнале да станат маргинална партија и нивниот простор да го заземе некој друг. Но тоа е нивни проблем. Исто како што е нивни проблем, т.е. на нивните функционери и нивна одговорност тоа што ќе следи во овој процес за следење и злоупотреби на службената положба.