Единствената политика која што ја форсираше изминатиот период, а тоа се уставните измени под бугарски диктат се удрија во ѕид и тоа јасно го видовте од гласањето на дневниот ред дека немаат 80 пратеници. И кога видоа дека немаат 80 пратеници, и кога беше исцрпена дебатата на начин на кој што му доликува на Талат Џафери дивјачки ја прекина седницата и сега не закажува продолжение, кршејќи го Деловникот за работа на Собранието, што сам по себе претставува кривично дело, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ денеска одговарајќи на новинарско прашање зошто вели дека владата нема легитимитет.

Мицкоски нагласи дека доколку власта верува дека ова е исправна политика која ја водат и ако имаат легитимитет, тогаш на седница ќе ја стават точката за уставни измени, па да се виде каков ќе биде резултатот.

Затоа ние ги повикуваме, ако веруваат дека ова беше исправна политика, и ако имаат барем малку кредибилитет да ја стават на следната седница на парламент, па да видиме каков ќе биде резултатот, вели претседателот Мицкоски.

Не постои ниту една друга политика која би била сврзана точка и оправдување оваа влада да остане ден повеќе. Да ја спасиме и Македонија и граѓаните неколку месеци и затоа повикуваме на предвремени парламентарни избори што ќе се случат оваа есен, дециден е тој.