Во конкретниот случај, особено имајќи ја предвид реакацијата на Јавното обвинителство, сметам дека не станува збор за меѓуинституционална пресметка и искрено се надевам дека нема да еволуира во таа насока. Од тоа ниту една институција нема да добие, а ќе изгубат двете. Но, добро е и двете институции конечно да почнат да функционираат согласно уставно различните улоги, што ги имаат во правосудниот систем.

Ова за Лидер.мк го вели поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Мирјана Лазарова Трајковска, по бурниот ден изминат во меѓусебни обвинувања меѓу Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција од една и судството од друга страна. А, повод беше ослободувањето од притвор и праќањето во домашен притвор на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, осомничена за случајот „Рекет“. На ова, пак, се надоврза СМС пораката на шефицата на Обвинителството до еден од судиите членови на Кривичниот совет на Апелацискиот суд, кој ја донесе одлуката, со содржина:„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам, цел совет со финансикса истрага. Заради судии како вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“!

Препукувањата меѓу Обвинителството и судот траат уште одамна, од обелоденувањето на „Рекет“ и сега воопшто не е важно „кој прв почна ММЕ“ или од каде протекувале информациите и кој и каде лежел кртот, што изнесувал информации од истрагата.

Почитта кон независното судство и не-мешањето во судските работи е темелен принцип прифатен и вграден во демократските земји. Судската независност налага судиите да бидат слободни не само од влијанијата од надвор, туку и во односите со другите институции на правосудниот систем. Независноста внатре во правосудството, претпоставува слобода од директиви и притисоци од колеги-судии или vis-à-vis претпоставените во судството, но и од адвокати, адвокатски друштва и обвинители, вели Лазарова Трајковска.

Мирјана Лазарова Трајковска е децидна дека закана од било која страна во постапка пред суд е неприфатлива и посега по независноста на судството. Независноста на судството, според неа, е голем предизвик и сложен проблем кај нас, па затоа ова прашање е постојано предмет на продлабочен стручен и поширок јавен интерес, а за пример посочува на осум пресуди на ЕСЧП, последните годишни извештаи на ЕК за напредокот на земјата и Извештаите на Прибе.

Независноста на судството е еден од темелните принципи на остварувањето и заштитата на човековите права и слободи и, врз таа основа, на правната држава. Уставите на демократските општества ја гарантираат независноста на судството на различни начини. Гаранциите се во насока на обезбедување законски, економски, образовни и професионални услови судиите, да можат да ја извршуват својата судиска функција без притисок од извршната власт, од странките или од други заинтересирани поединци или групи, вклучувајќи ги претставниците на обвинителството. И покрај бројните критики, судството во Република Македонија остана главно пасивно, па и понатаму недостасува видливост на определеноста на судството за соочување и справување со критиките во врска со притисоците и влијанијата, кои доаѓаат од различни извори (како што е последниот пример), а не само од јавноста. Оттаму, не е прифатливо заканување по судиите поради донесена конкретна одлука. Обвинителството е една од страните во судските постапки и има на располагање правни лекови и таму треба да ги образлага своите наводи, истакнува Лазарова Трајковска