Појава на иредентизам и прекршување на владеењето на правото може да имаат директно влијание врз пристапниот процес во ЕУ за соседната земја, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис во интервјуто за грчкиот весник „Реал њуз“ и додава дека актуелната грчка влада „го следи секој чекор на владата на Скопје“, jави дописничката на МИА од Атина.

Варвициотис го повторува ставот дека наследиле лош договор кој владата на СИРИЗА го потпиша „откажувајќи се од преговарачките оружја и националните позиции на земјата, констатирани со Времената спогодба и во Букурешт“.

Нашата влада го следи секој чекор на владата на Скопје и во секој случај нема да дозволи да се изразат појави на иредентизам и прекршување на владеењето на правото, што ќе имаат директно влијание врз нејзиниот интегративен процес во Европската унија. Веќе внимателно ја следиме елиминацијата на сите архаични симболи од јавните места кај соседот. На крај, нашата главна цел е заштита на грчките производи и грчките трговски ознаки, прашања што владата на Ципрас ги остави на нивната судбина, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.