Власта со најавениот план Б за СЈО, кој го најави министерката за правда Рената Дескоска, ќе ја направи Македонија правно несигурна земја и ќе ги урне сите европерспективи, вели Антонио Милошоски, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и учесник во работните групи за законот за јавно обвинителство, во интервју за „Фактор“.

Милошоски потенцира дека очекуваат власта да не си игра политика, туку да ги почитува уставните и правните норми, кои се темел на владеењето на правото, што, пак, како што вели, е неопходен предуслов за државата да има барем некакви шанси да добие датум за преговори со ЕУ.

Затоа, нашиот принцип е заснован на Уставот кој налага дека ниту една власт не може и не смее само врз основа на политичките интереси да дерогира системски закон, како што е законот за СЈО или за обвинителство кој се носи со 2/3 третинско мнозинство, со друг закон за кој е предвидено помало мнозинство, како што е Законот за совет на јавни обвинители. Тоа би било лош преседан кој би се повторувал на секое менување на власта што ќе има далекусежни политички последици со копирање на преседанот, но и Македонија ќе биде забележана како држава во која доминира правната несигурност, истакнува Милошоски.

Тој изразува чудење, што професорка по уставно право и во моментов министерка за правда, која многу добро знае дека дерогирањето на системските закони не е дозволено, го промовира ваквиот став.

Тоа дури и да не се случи, става темна дамка на владеење на правото, вели Милошоски во интервјуто за „Фактор“.