Пратеникот Антонио Милошоски по напуштањето на средбата во Собранието за Законот за јавно обвинителство на Фејсбук соопшти во кратки црти за што станало збор на средбата со министерката за правда Рената Дескоска.

Тој напиша дека средбата ја искористиле за:

1. Да ѝ ја честитаме самономинацијата и изборот во Венецијанската комисија.

2. Да го поздравиме поширокиот формат на преговори во Собранието, како и предлог-законот кој е солидна основа за преговори за подобрување на текстот.

3. Да предложиме организирање што поскора јавна расправа за овој закон со присуство на стручната јавност од оваа област, што беше прифатено од сите.

4. Побаравме присуство на, од Собранието избраниот, државен обвинител Љ. Јовески, кој на 27 декември 2019 година упати силна критика за ваквиот предлог-закон дека „она што е неопходно е носење на нов Закон за обвинителство, но ќе подвлечам квалитетен и издржан закон, а не решенија кои ќе бидат резултат на дневно-политички договарања. Подобро да не се донесе закон, отколку да се изгласа закон со вакви решенија“ (цитат). Сметаме дека Јовески како клучен претставник на Јавното обвинителство не треба да биде заобиколен на вакви пошироки работни средби кои се однесуваат на Законот за институцијата Јавно обвинителство. За жал, оваа иницијатива беше одбиена од министерката Дескоска.

Остануваме на располагање за продолжување на дијалогот за Законот за јавно обвинителство во присуство на државниот обвинител Јовески и министерката Дескоска, пишува пратеникот Антонио Милошоски на ФБ, честитајќи и на Дескоска со интересна слика.