До каде е најавената инвестиција на интернет гигантите Facebook и Google во Македонија?

Ова прашање до премиерот Зоран Заев го упати пратеникот Антонио Милошоски на денешната седница на која се поставуваат пратенички прашања.

Заев одговори дека тие компании се посакувана инвестиција за секого како и стотици други компании кои размислуваат, но дека членството во НАТО има влијание врз целиот процес.

Очекувам Македонија да има сигурна иднина со членството во НАТО и ЕУ, почнуваме со скринингот и разговори. Ова е извесна можност да се случи во Македонија, ќе продолжиме да разговараме и кога ќе имаме нешто конкретно ќе го соопштиме. Негувам надеж ако Македонија ги заокружи политичките процеси и тоа се потврди со уставните амандмани и стане извесно членството во ЕУ, сите заедно ќе помогнеме бордот на директори да донесат одлука за инвестиција , одговори Заев и потенцираше дека на овие инвеститори им е понуден данок на добивка од 3 отсто.

Милошоски возврати дека кога ги најавувале инвестициите не кажале дека ќе дојдат во Македонија по членството во ЕУ и НАТО.

Вработување на нови 50 луѓе во Владата за да ви ставаат лајкови на вашите постови е единстевната инвестиција што сте ја направиле од Фејсбук. Излегува дека сите ваши ветувања за странски инвестиции биле лажни, а членството во ЕУ и НАТО го користите како алиби за вашиот неуспех. 14 вработувања во КФЦ не се сериозна инвестиција. Се работи за лажна пропаганда, сте сакале да создадете привид дека нешто работите, но или немате способност да ги донесете или вашиот тим ве лаже, му возврати Милошоски на Заев.