Според проф Аце Миленковски, главната причина за падот на високото образвонание  е Законот за високо образование, кој го смета како „катастрофално лош“ и „регионален срам“, поради тоа што суштински се менува многу често.

Миленковски истакна дека, за разлика од европската практика, како на пример во Хрватска, каде што изборот во звање го врши национална комисија под строги критериуми, кај нас овој процес е многу лабав и се одвива во рамките на секој универзитет поодделно.

„Професорите од Хрватска што доаѓаа кај нас да држат предавања, ги слушав и ги гледав низ годините наназад, под каков притисок живеат кога се во избори на вонреден професор, кога се во избори на редовен професор, особено кога се во избори на редовен професор во трајно звање. Е сега кај нас, кога ќе ве изберат за редовен професор, автоматски сте избрани во трајно звање. Каков е тој автоматизам, јас не знам“, посочи проф. д-р Миленковски. Поради ова, според Миленковски, науката кај нас се сведува на публикување научни трудови главно во рамките на државата, што е една од причините за паѓањето на најголемиот државен универзитет „Св. Кирил и Методија“ на светските ранг-листи на најдобри универзитети.

Осврнувајќи се на проблемите со кои се соочуваат приватните универзитети, ректорот посочи дека сите влади досега ја опструирале нивната работа, барајќи го во нив главниот „виновник“ за падот на квалитетот на високото образование. Според Миленковски, имајќи предвид дека од целокупниот број студенти во државата, вкупно 5-6% студираат на приватните факултети, нелогично е вината да се бара во нив.

„Нас нѐ препознава бизнис-секторот, тој ги вработува нашите кадри“, посочи Миленковски, додавајќи дека над 70% од кадрите што поминале низ Универзитетот за туризам и менаџмент од неговото формирање до денес се вработени, што е доволен доказ за неговиот квалитет.

Миленковски упати и апел до младите да останат во Македонија и да придонесат кон нејзиниот развој, зашто само во својата татковина можат да бидат свои на своето и да доживеат вистински успех справувајќи се со предизвиците дома.