Во салата на Македонската опера и балет, во присуство на амбасадори, градоначалници, претставници од државите институции, родители и студенти, вечерва се одржа Промоцијата на четиринаесеттата генерација дипломци и на дванаесеттата генерација магистри на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

Ректорот, проф. д-р Аце Миленковски, кој им се заблагодари на присутните за одвоеното време, истакна дека Универзитетот за туризам и менаџмент седумнаесет години создава знаења и генерира успешни кадри во областа на туризмот и менаџментот. Дипломците на Универзитетот се врвни професионалци, кои работат во реномирани компании на менаџерски позиции.

„Без минато нема иднина, без традиција нема креација, а без работа, нема напредок. Тоа сме ние, Универзитетот за туризам и менаџмент – традиција, креација и работа, многу работа“, порача Миленковски во неговиот искрен и емотивен говор.

Според Миленковски, само споделеното знаење има моќ да создава нови светови, нова реалност,  и да ја придвижи земјата напред. „Тоа е нашата мисија, да создаваме и да споделуваме знаења!“, истакна Миленковски, додавајќи дека Универзитетот се стреми кон одличност во образованието, за што има добиено диплома за квалитет од Светската туристичка организација при Обединетите нации.