Апелацискиот суд во Скопје ја прифати гаранцијата од 11 106 501 евро со што поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, излегува од притвор.

Како што потврдија за МИА од Апелацискиот суд, Мијалков ќе излезе од притвор откако ќе биде приложена финансиската гаранција со која мерката притвор се преиначува во мерки за претпазливост, односно одземање на пасошот и обврска да се јавува во судот.

Гаранцијата над 11 милиони евра се состои и во недвижен и во подвижен имот, а Мијалков треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање под хипотека на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега.

Мијалков издржува мерка притвор во предметот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на осум години затвор.

Тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет – Тврдина“ со која е осуден на 12 години затвор, а обвинет е и во случаите „Плацови на Водно“ и „Титаник 2“, а осомничен е и во предметот „Империја“. Во „Тортура“, пак, доби ослободителна пресуда.

Сашо Мијалков се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.