Завршува изборната кампања за вториот круг на локалните избори. Битола, Охрид, Кочани, Куманово, Гостивар се неколку од поголемите градови во кои 31 октмоври ќе се избере градски татко. Само во Скопје, жителите на главниот град имаат можност да избираат мајка на градот. Вечерва, ВМРО-ДПМНЕ со централен митинг во Скопје ги повикува скопјани да се придружат за заедничка иднина.
На митингот што се одржува на платото пред Филхармонијата се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Абрахам Линколн велеше „Најдобар начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш“. И тука сме не само да зборуваме за иднината, туку заеднички да ја создаваме, да ја градиме и заеднички да се бориме.Скопје е на нозе! Во Македонија повторно е родена надежта, таа искра во која народот гледа шанса за промени и остварување на сонот каков што го имаме цели 30 години. 30 години сонуваме за нешто што цели 30 години го немаме. Тие што пукаат во таквата надеж се истите оние кои поради ситни интереси нè влечат надолу. Но повторно, особено по првиот круг од изборите, со голема сигурност можам да кажам дека надежта е во очите на луѓето сè повеќе, и повторно се враќа она чувство на треперливост во срцата дека можеме, дека умееме да направиме големи работи и дека Македонија, ова наше парче земја на горди луѓе, има сила, поздрави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Поинаку од претходно е мирисот на слободата, рече Мицкоски.
Македонија е нашата емоција, нашата душа, нашиот сон. И нашиот дом. Поразлично е затоа што народот крева глава, се крева над прашината која ја создава власта и јасно ги гледа работите. И многумина ме прашуваат дали ме вознемируваат оние црни кампањи против мене и моето семејство, оние обвинувања, крици на лаги и страшни измами. Мојот одговор е до нив и до сите нивни привезоци, многу сум спокоен затоа што знам дека е ова последица на очај, последните чекори на апаратот којшто губи и сака да повлече сè со себе, рече Мицкоски.
Тие на тој начин го губат и своето достоинство.
Си го покажувате вистинското лице поради што ќе доживеете пораз… и сега, кога измислувате и објавувате набрзина нашкрабани фалсификувани документи, кои треба да ги обезвреднат моите соработници. И кога го разгорувате огнот на меѓуетнички тензии, и кога ја делите Македонија само за да си ги спасите кариерите. И кога го делите Скопје, и кога на скопјани им велите дека згрешиле, дека не знаеле правилно да заокружат. И кога го плашите народот дека доаѓа крајот на светот, само затоа што се ближи вашиот политички крај. Дури и тогаш кога не излегувате од минатото уште посилно закопувајќи се во сопствената кал. Ова ли е цената што треба да ја платиме за да ве поразиме? Епа, да ви одговорам. Стојам тука исправено и спокојно и јас, Христијан Мицкоски, подготвен сум да ја платам секоја цена за слободата и за новата заедничка иднина, рече Мицкоски.
Подготвен сум да ја платам секоја цена, затоа што народот е нашата сила, а ние неговата, и затоа што новата иднина е нашиот сон од кој нема да се откажеме, додаде тој.
Еве ви кажувам, ќе ја платам секоја цена доколку таа значи остварување на сонот кој го сонуваме 30 години и новата иднина за која се бориме. Нема никогаш да го разочарам овој народ кој во срцата носи јад, болка, разочараност, но и повторно раѓа надеж за промени. Ова е наша битка, секој ден, секој час. Да ги менуваме работите.
Comments are closed for this post.