„Заедно со народот треба да ја кренеме Македонија од пепелта“ порача лидерот на опозицијата Христијан Мицковски пред присутните на митингот во Делчево. Тој побара граѓаните да се обединат и да гласаат за професорката Гордана Силјановска на престојните претседателски избори.

„Го имаме борецот кој е заштитник на правото и правдината, изборот е јасен, драги браќа и сестри. Во Скопје се собрала една мала група луѓе да го поддржат Стево Пендаровски. Таму деспотот излезе и кажа дека го зајакнал идентитетот. Се срамеше да ја пее „Денес над Македонија“, се срамеше да ја потстрои македонската гарда. Неговиот идентитет се урна како кула од карти, затоа ни е потребна победа, од таа криминална транзиција еднаш засекогаш да расчистиме“, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред присутните потенцираше дека се на вистинската страна, на честита и достоинствена Македонија.

„Денеска бевме сведоци на реално шоу. Прво не снимаа во Пехчево, па во Берово, претпоставувам дека не снимаат и тука. Ние сме на вистинската страна, на честита и достоинствена Македонија. Треба сите да сме горди што во ова време на притисисоци и закани не има толку многу, нема да знаат што ги снашло. Со една огромна победа да си ја ослободиме Македонија“, рече Мицковски.

Тој додаде дека денеска живееме со полно неправди во време кога, како што кажа Мицковски, политички измамници со украдени пари повикуваат да чекориме напред.

„Јас сакам да чекориме напред достоинствени, честити и со гордо крената глава. Тие луѓе се откажаа од својата историја и минато, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Говорејќи за како што ја нарече најболната реформа за македонскиот народ, идентитетот, лидерот на опозицијата рече дека тоа била единствената реформа која ја исполнила оваа власт која боли и пече.

„Поминавме илјадници километри низ Македонија. Сите тие луѓе се обединија со маката. Ветуваа живот, но тој живот додје само за неколку фамилии“, рече Мицковски.

Рече и дека е подготвен како претседател на ВМРО-ДПМНЕ да побара прошка од народот, свесен за грешките на партијата во минатото. Побара заеднички со народот да се корегираат тие грешки и да воведат нови политики и решенија.