Изборот е едноставен, или Заев прифаќајќи ги амандманите на законот за јазици ќе го почитува правото и Уставот, или ќе продолжи да биде пречка за правдата, напиша на Фејсбук лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
ВМРО ДПМНЕ пред година и половина поднесе иницијатива за оценка на уставноста на законот за јазици, а токму нашето мислење на неуставноста на законот го потврди и Венецијанската комисија. Имаме новонастаната ситуација, поради која ќе поднесеме амандмани на законот за јазици со кој законот ќе биде во согласност на Уставот. Воедно треба власта да знае дека една од клучните работи која е содржана во нонпејперот на Француската влада и препораките на Претседателот Макрон е да се почитуваат препораките од Европските институции, и забелешките на релевантните фактори меѓу кој е и Венецијанската комисија. Се друго ќе не оддалечува од европскиот пат, пишува Мицкоски.
Според лидерот на ВМРО ДПМНЕ, во реалноста власта остава малку надеж со контрадикторните изјави за законот за јазици.
Практично тоа е постојаниот компромис на владеењето со правото кое го врши Зоран Заев. И нема тука простор за флексибилни договори, ниту пак за широки толкувања, кога законот и Уставот се јасни. Секое чекање практично значи одложување на правдата и толерирање на неуставен закон. Тука нема ништо европски, и следниот пат кога некој ќе се чуди зошто нема датум за преговори, одговорот треба да се побара во безаконието кое се демонстира, зошто Европа е пред се вредности, принципи и владеење со правото. А она што се случува е тоа што Зоран Заев сакаше гласови од Албанците преку популизам, наместо преку работа и засукани ракави за решавање на проблеми, а сето тоа сега завршува повторно во слепа улица и му се удира од глава. Картата на популизмот не му носи подобар живот на било кого во земјава. Но работата носи. А на Македонија и треба работа и решавање на проблемите. Пред да влезе повторно во гол популизам и нудење на нереални романтичарски идеи и сеење магла, да прати протпароли кои ќе го напаѓаат ВМРО, и погрешно ќе го интерпретираат, и пред да ја вклучат фабриката за лажни вести, ја повикувам власта, пред се Зоран Заев да ја прифати нашата идеја за амандмани со кој законот за јазици ќе стане Уставен и применлив. Се поинаку ќе значи дека тој е кочничар на правдата, и прави компромиси со правото. И тоа ќе значи дека ќе нема друг пример каде премиерот не го врши она што е негова редовна должност, а тоа е да го почитува и штити Уставот, додава Мицкоски.
Мицкоски му порачува на премиерот во заминување да го прекрши молкот.
Еве прилика Заев и СДСМ да излезат од матрицата која сите не носи во слепа улица и да прифатат се она што Венецијанската комисија го укажува за овој закон, согласно европските пракси и искуства, а што ќе го преточиме во амандмани. Нека излезат од стегите на лагите и манипулациите, и од праксата на злоупотреба на чувствата на Македонците и Албанците. Ова не е борба на суети, ова е борба против поделбите кои ги носат, против лагите кои ги вкоренуваат. Нека поддржат носење на амандмани, да ги донесеме со широка поддршка. Република Македонија е нашето се, и на секој еден човек му треба надеж, и обнова која ќе донесе подобра иднина, заврши Мицкоски.
Comments are closed for this post.