Треба да се биде реален и да се каже дека имаме реални порази како држава и премиер кој не се срами да носи порази, смета претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој денеска се обрати пред младите на 28 Годишна конференција на УМС.
Погледнете ги само овие во последниве неколку месеци. Му ја зема Ципрас машната и како отсечен скалп се фалеше со неја, а пред некој ден Мицотакис го викна за да му каже дека промовира светски бренд дека Македонија е грчка. Среде Скопје во Охис им се случи Чернобил и не реагираат, а згора на се пробаа и да го сокријат. Наместо да донесат правда, оној поранешен пратеник кој бараше полче, шета по телевизии и е главна звезда. Испраќа порака дека никој ништо не му може. Исто како и Ременски, која наместо да биде повикана за Рекет, гледаме пресметка на параполициските структури во СДСМ кои наместо за правда се борат за себе си и да ги заштитат своите матни зделки. Но проблемот е што и судството е урнисано. Кога така говорат за нивното надградено Сваровски судство во Луј Витон правосудство, ќе помислите овие луѓе не се три години на власт, туку само што дошле. Па демек министерката Дескоска била револтирана за застарените предмети во судството, ама кога ќе им треба истото тоа судство да испорача некоја одлука под маса, тогаш власта е најзадоволна. Нивната тактика е тие да удираат по судиите, а овие да молчат бидејќи сакаат да го амортизираат незадоволството од неспобноста и подземните игри кои ги прават. Ама не може да се амнестираат од фактот дека не донесоа правда. Не може да се прават дека не се одовде. Демек Џолев не чинел, а овој е прв на сите нивни приеми и има исти ставови како и власта. А што е со Кацарска, Рускоска кои се ороводци на овој трул и корумпиран судско обвинителен систем. Нели до вчера се фалеа дека прават реоформи со советот на чие чело е Заев, нели до вчера Заев ќе го отвораше судството како пупка, рече Мицкоски.
Тој потсети дека сега кога доаѓаат избори, истиот оној кој ветуваше реизбор на судиите, откако благонаклонетите од минатото седнаа во неговиот скут и му станаа најверни слуги, ќе прави ветинг.
Тоа е исто онолку реално кога и во моментите кога сака да звучи веродостојно прави паралели со лаги, па ќе чуеме еден ден дека ќе облекол железни опинци, а веќе следниот ветува дека ќе одел бос, ама 500 евра просечна плата ќе сме имале, но во реалноста нема ништо од тоа. Па така ќе не убедуваат додека издржиме да стигнеме до 500 евра просек плата, дека и со 17 илјади денари можел да се издржи месецот, само не кажуваат како, и сето ова додека нивните илјада евра плата им стигнуваат на сметките на почеток на месецот и удобно си живеат, а оние милионски црни зделки и тендери се гратис. Колку за убав провод… На граѓаните им одземаа триесетина милиони евра со прогресивниот данок, па го вратија рамниот данок, ама никаде ги нема да кажат дека ќе ги вратат и овие триесетина милиони евра кои ги одземаа на фирмите и граѓаните. Нивното извини не поминува, затоа што парите кои ги земаа од даночните обврзници не ги вратија, рече тој.
Comments are closed for this post.