Одговорност мора да има“ е ехото кое деновиве силно татне, кажано од домашните политичари, аналитичари и граѓани, но и од претставниците на меѓународната заедница. Но, дали сите исто подразбираме кога велиме „одговорност мора да има”?, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во објава на Фејсбук.

Во текот на вчерашниот ден до мене стигна информација дека готова била Катица и дека прашање на денови е кога ќе завршела во притвор…, ајде мајката…, е крикот на Зоран Заев…, па ќе излезе Стево Пендаровски и ќе го повтори истото што претходно оној на кој му е ист 102,5% го напиша, дека одговорност мора да имало. Сето ова делува прозаично без нималку навигација за полесно де лоцирање на одговорноста како на пример дали оние двајцата осомничени или нивниот нов цимер (прашање на денови) можеа ова да го прават без огромна поддршка од Кики, Фрики, Шеки и Зоки Поки, дали беше толку тешко да се стигне до телефонот на новиот потстанар во Шутка па беа потребни денови, случајот е пријавен во февруари/март со доказите, а се чекаше јули/август да се лоцира каква таква одговорност.

 

Колку од рекетот заврши во телевизијата каде везден беседеа властодршците убедувајќи не дека блескаме и нели е тоа нематеријална корист за раководството на една политичка партија, дали некој се сети да ги праша бардовите наши новинарски кои беседеа со властодршците во стилот …, да да во право сте, одлично, секоја чест, браво навистина прекрасно, овие од опозицијата, анти нато, анти ЕУ, ма катастрофа, Мицко бил ваков бил таков, обична марионета, како и колку се вистинити бројките во книгите на телевизијата за нивните месечни примања или има нешто можеби од медот, или па можеби ги праша некој вработените таму дали и како издржуваат со 12.000 денари плата во месецот (на минималец пријавени). Што ќе речат другите медиуми кои немаат прилика и магионичарски способности па мака мачат на пазарот да обезбедат егзистенција за вработените и уште многу зошто и многу затоа, но затоа “љубави” (или хубави) ќе повика на одговорност во клучниот момент, а Зоран Заев ќе рече во најблиското опкружување, Стево не предаде…, , смета Мицкоски.

Мицкоски повторува дека потребна е одговорност за секој кој учествувал, директно или индиректно во случајот „Рекет“, кој е дел од поширок криминален октопод кој управува со државата.

Но јасно е дека со оваа власт зафатена од овој криминален октопод правда не може да се очекува. Во тој контекст тргнати се да не уверуваат дека криминалот не е криминал, а неправдата всушност била правда. Но, ќе потсетам дека ова не е првпат Заев да биде „погрешно разбран” или под “напад на мрачни сили кои ќе ја дестабилизираат и закочат Македонија”.

 

1. Кога излезe скандалот Глобал, случај тежок 8.5 милиони евра, а потоа и го аболицираа за истиот, тој велеше дека бил жртва на монтиран случај.

2. Потоа истиот тој Заев во неговата канцеларија во Струмица го видовме лаконски седнат во кожна фотеља бара мито, за она кај Мирчо свињарникот. И кога се објави овој скандал тој ни кажа дека погрешно бил разбран, човекот не барал мито туку градел црква. Се разбира и за ова беше амнестиран, овој пат неформално, но суштински одбегна правда, од истото Рускоска обвинителство кое и денес го води случајот Рекет.

3. Третиот флагрантен случај на лепливите прсти на Заев беше кога во разговор со божемниот Порошенко, се впушти во иницијативата со сто илјади евра да го поткупи Вартоломеј, па дури и беше среќен зошто за ова мито поминал со попуст. Кога се дозна ова во јавноста Заев соопшти дека човекот e филантроп и сакал да помогне на црквата. Една година траел срамот и разговорите со божемниот Порошенко. За овој случај нема ниту истрага.

4. Денес кога со аферата Рекет гледаме како гавазите на власта харале низ државата и тргувале со правдата, црпејќи ја моќта од Заев тие (СДСМ) ни велат Рекет бил наместен случај од опозицијата за рушење на правната држава, што е чисто фијаско од одбрана, приказна за мали деца во која ни тие не веруваат, а голем дел велат комичен настап, во случај кога сите го напуштаат бродот кој тоне.

Мицкоски додава дека арогантното молчење, и по некое евтино спинче на младиот портпарол или некоја нарачка на министерот за пропаганда во заминување нема да ја поматат јасната слика која е поразителна за Власта.

Треба и тие, но и сите луѓе на власта да знаат, дека Македонија не е пашалак на Заевци, а народот заробеник на нивниот криминал. Во услови кога бродот на Заев тоне, а свирењето фајрон е прашање на денови правда мора да има, зошто тоа не е прашање на избор, туку единствен начин да се стави крај на овој криминал. Тоа е нашата должност кон татковина, наша обврска и кауза.

 

Месеци ја делат Македонија од вистинска #ОбноваНаМакедонија, да покажеме дека веќе нема место за повластена политичка каста туку за политичари кои ќе служат на граѓаните и Македонија, а тие кои се огрешиле пред законот и се посрамотиле пред граѓаните да понесат одговорност!, порача Мицкоски.