Ова е натпревар кој се игра до последната минута, па така е и со формирањето на владата. А знам дека по овој натпревар кој го играме со целото срце, и внимавајќи на честа и угледот на ВМРО и државата, ќе дојдат и други, на кој ќе победиме, затоа што само така ќе бидеме први. А нашата победа е заедничка, порача на Илинден од струшко Ташмаруништа лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој рече дека сега по изборите знае како многумина се чувствуваат денес.
Огромен број луѓе чувствуваат мачнина од тешкото време и неправдите, еден голем друг дел со неверување гледаат на резултатите од изборите и пропуштената шанса и знам дека ако има можност да го вратат времето велат поинаку ќе постапеле. И исто знам дека многумина ова го сметаат за украден резултат. На сите вие ќе ви порачам дека потполно ве разбирам и сте во право, и нема откажување, а борбата продолжува. И јас сите вас ќе ве разочарам ако се откажам сега, и така ќе ве разочарам сите вас, а уште поважно ќе ја изневерам Македонија. А јас не сум тоа. Никогаш нема да ве разочарам ниту да ја изневерам државата. И затоа ние уште посилно ќе се бориме за нашата заедничка иднина. Апостолот Гоце Делчев велеше да ја бараме вербата за успех во себе и во другите, ако ја има да ја разбудиме, ако ја нема да ја создадеме. И ова е и внатрешна битка на секој еден од вас во која треба да ја победите апатијата.
Нашиот Блаже Коневски во Везилка пишуваше:
– Два конца парај од срцето, едниот црн е, а другиот црвен, едниот буди
морничави таги, другиот копнеж и светол и стрвен.
ВМРО-ДПМНЕ е црвениот конец создаден од историја, судбини и конпнеж кој ќе го претвориме во победа. Илинден е огнот на страствената битка за правдини, и тој е резултат на многу илиндени претходно, многу востанија и битки. И на крај Македонија победи. Затоа Петре М Андреевски велеше нашиот народ Пиреј, а тој е троскотна трева, а некои ја викаат коштева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни, ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Македонија повторно ќе се исправи, главата горе, стаменито и гордо продолжуваме низ нови премрежја и битки за нашата заедничка среќа, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Comments are closed for this post.