Отпочнување на преговори за членство во ЕУ нема да имаме, па во најдобар можен случај Македонија може да добие само меѓувладина конференција, што е настан без суштина, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Охрид.
Неговиот коментар следува откако претходно денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кажа дека треба да вложат максимални напори до ова лето, оти е последната шанса за решавање на спорот за Бугарија, а истовремено ја повика и опозицијата на конструктивност. Османи кажа и дека ниту Владата, ниту граѓаните веќе немаат енергија да минуваат низ ваков процес на надежи и фрустрации.
„Османи продолжувa да не ја говори вистината, бидејќи тоа што го слушаме од Софија е дека сигурно ќе немаме преговори. Единствено што може да се случи е таа меѓувладина конференција, што е фолклор, настан без суштина. Ќе се сликаат членовите на Европската комисија и македонската влада и тука завршува сè. Нема да почнат преговорите сè додека целокупната преговарачка рамка не ја испочитуваме, а во таа преговарачка рамка ќе бидат вклучени барањата од страна на Бугарија, вклучително и интервенцијата во македонскиот Устав. ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи тие промени во македонскиот Устав, бидејќи немаме никаква гаранција дека со тоа се затвораат сите отворени прашања меѓу Бугарија и Македонија и дека до самото членство нема да имаме повеќе вакви хегемонски барања од политичарите кај нашиот источен сосед“, кажа Мицкоски од Охрид.
Мицкоски смета дека ако некој нешто прави, тогаш тоа е Европа, па на европските лидери им порача да се обединат и околу спорот на Македонија со Бугарија.
„Ги охрабрувам лидерите на земјите-членки на ЕУ, како што се обединети околу кршењето на меѓународното право во Украина, така да се обединат околу кршењето на меѓународното право кога станува збор за Македонија и правото кое и се крши и оспорува од страна на една земја-членка на Унијата поради нивните хегемониски барања, и нè спречува во изминатиот период да ги почнеме преговорите“, рече Мицкоски.
Comments are closed for this post.