Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е политичар во кого народот има најголема доверба, а ВМРО-ДПМНЕ е партијата која треба да ја води државата, покажува телефонската анкета на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), спроведена од 4 до 6 мај 2022 на примерок од 1111 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија.

Во телефонското истражување 16,2 проценти од испитаниците одговориле дека му веруваат на Мицкоски, а актуелниот премиер Димитар Ковачевски има речиси двојно понизок рејтинг. Во него лидер гледаат само 8,7 проценти од испитаниците.

Од лидерите во албанскиот блок, најголема доверба на електоратот ужива Али Ахмети со 7,3%, а Зијадин Села од Алијансата за Албанците има доверба од 3,8 проценти.

Висок е процентот на граѓани кои не им веруваат на политичарите, но и на оние кои не знаеле или не сакале да одговорат.

Доколку следната недела има избори, според анкетата, ќе победи опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од резултатите видлива е предноста на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ. Анкетите во континуитет покажуваат пад на рејтингот на владејачката партија. За неа би гласале 16,2% од испитаниците, а за ВМРО-ДПМНЕ 21,2%. ДУИ се уште е партија со највисока доверба меѓу албанските гласачи.

Речиси половина од испитаниците одговориле дека новата влада предводена од Ковачевски не одговорила на предизвиците со кои не успеа да се справи владата на Зоран Заев. Високи 47,4% сметаат дека во Македонија се уште има политичка криза, а 39,1% дека излезот од кризата се предвремени парламентарни избори.