Одговорноста за скандалот со прислушувањето во Обвинителството е на Зоран Заев, кој е година и пол премиер и ја контролира и централната и локалната власт, објави на својот Фејсбук-профил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Клекнато и уценето обвинителство и судство. Пукања, убиства, криминалци на слобода, Македонија претворена во држава на криминалот, завиена со црнила, држава каде луѓето на власт уништуваат и сакаат да управуваат со нашите животи. Вчера се соопшти скандалозна вест. Обвинителството и судството прислушкувани. Тоа значи дека таму некаде некој кој денес е власт прати порака, судиите и обвинителите ги имаат во рака, со снимани разговори, уценети, им требаат покорни на политичките наредби, додека правдата се заобиколува, пишува Мицкоски.
Вчера, продолжува Мицкоски, излегоа со информацијата за прислушкување на обвинителството и судството, а премиерот Заев истрча да префрли одговорност што само покажува дека си ја ишка мувата од капата и дека што би рекле нашите постари кабаетот е голем. Кои се фактите. Рекоа дека прислушкувањето започнало од септември 2016та година, а од 2 септември 2016та година министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски од СДСМ. (Еден период како технички, а потоа како полнозначен министер во владата на Заев) што значи дека ако имало прислушкување тоа е во целиот период додека овој човек е министер и во целиот мандат на оваа влада на Заев.
Значи согласно засега достапните информации ова прислушкување се случувало во целиот период додека Заев е премиер, Спасовски министер, а Верушевски советник во Владата, истиот тој советник добро познат од аферата Големото Уво и бомбите на Заев. И клучното прашање е кој располага сега со разговорите на обвинителството и судството, кој ги држи уценети, кое обвинителство сега ќе ги истражува разговорите за да утврди кој диктира обвиненија и суди неправда (секако не смее тоа да биде политизираното СЈО), какви разговори има и дали поради тие разговори премиерот Заев предвреме ги погодуваше точните пресуди и висини на казни. Дали поради тие разговори одредени судии се исплашени, па судат во неразумно време, се кршат процедури, закони, правила, дали поради тие разговори одредени обвинители го амнестираат вистинскиот криминал, нагласува Мицкоски.
Comments are closed for this post.