Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва  изјави дека нема 80 пратеници во Собранието кои ги поддржуваат политиките на актуелната Влада и, осврнувајќи се на барањата на власта за уставни измени со кои не се согласува, повика на предвремени парламентарни избори.

Тој, во гостувањето на емесијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, ја повика власта, доколку сака уставни измени, да се охрабри и да излезе на предвремени парламентарни избори за граѓаните да можат да одлучат, потенцирајќи дека Заев во 2020 година на изборите не излегол со понуда за да менува Устав за влез на Бугарите во него.

– Ако сакате да менувате во уставот, тогаш повелете излезете на избори, прашајте ги граѓаните, па тие нека одлучат. Така е во скандинавските земји, во Шведска е така, ако сакате да менувате Устав, тогаш извинете излезете, па менувајте. Не излезе Заев во 2020 година, Ковачевски воопшто не ни излезе на избори, ама еве Заев не излезе со програма да менува Устав па да рече еве јас ќе го менува Уставот, ќе ги внесувам Бугарите, па гласајте дали сте за мене или не сте за мене, посочи тој.

 

Мицкоски нагласи дека ниту тој, ниту опозицијата не е виновна што владата на СДСМ не размислила кога носела политички одлуки без претходно да обезбеди општествен консензус.

– Ниту јас, ниту опозицијата не е виновна што некој повлекуваше политички потези без да обезбеди општествен консензус, истакна Мицкоски.

Зборувајќи за бугарските клубови во земјава, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека Клубот „Цар Борис“ треба да се забрани, а Владата да го примени Законот за организации и здруженија.

– Денешницата е дека имаме клуб кој што провоцира и носи име на човек кој што во македонската историја нема добра улога, тоа е Царот Борис Трети кој што бил соработник на нацистите во Втората Светска војна, и кој што од Македонија испратил повеќе од 7200 Евреи во концентрационен логор Треблинка, нагласи претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дали очекува дека ќе биде затворен клубот, Мицкоски рече дека влада која што ја сака државата и сопствениот народ треба веднаш да го забрани клубот кој има срамна улога во историјата за македонскиот народ