Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера го посети струмичкото село Куклиш.
„Сакам да ја искористам оваа прилика да Ви се заблагодарам вам и на Општинскиот Комитет Струмица на ВМРО-ДПМНЕ но истовремено и на месниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Куклиш овде за големата победа во првиот круг и се надевам дека таа победа ќе биде уште поголема во вториот круг, и очекувам дека ќе биде така. Бидејќи овие избори не се само претседателски избори туку овие избори се и многу повеќе“, кажа Мицкоски.
Мицкоски додаде дека со овие избори се определува иднината на Република Македонија. Дали сакаме нашата држава да продолжи во овој правец по кој се движи сега како понижена, ограбена или пак во сосема поинаков правец кон правда и право.
„Во Македонија за жал ситуацијата не е добра, многу е лоша, сите оние неисполнети ветувања, нереализирани очекувања го тиштат и го мачат македонскиот граѓанин без разлика на етничката припадност. Не зборувам само за Македонците, зборувам и за Албанци, зборувам и за Турци, зборувам и за Роми, Власи, Срби буквално за сите“, појасни Мицкоски.
Мицкоски истакна дека во Бутел му пришле сограѓани Албанци од околните села кои му кажале дека се разочарани од сегашната власт бидејќи се што им ветиле посебно за локални избори ништо не оствариле. За локалните избори СДСМ таму имал над 1.000 гласови, а сега за претседателските само 50-тина, што според него е очигледен доказ за разочараноста на сите граѓани.
„Маката на сите е подеднаква, сите ние ја чувствуваме истата мака која што денеска е секојдневие во Македонија и единствениот начин да си помогнеме е да победиме на овие претседателски избори, а пото и да победиме на предвремените парламентарни избори кои што многу брзо ќе се случат по претседателските избори“, посочи Мицкоски.
Comments are closed for this post.