Дали доктрината навестува драстичен политички пресврт во концептот на ВМРО-ДПМНЕ, или поместување од традиционалните принципи и вредности на десничарските партии?

– Ние не бегаме од нашите демохристијански вредности. Напротив, би рекол дека ги доградуваме со принципи и вредности, кои ја отвораат партијата кон поширокиот политички спектар. И во тој поглед, политиката на таканаречениот „нов договор“ ја отвора партијата кон мудрите глави во ова општество, кои во првата епоха на развој на државата во овие 30 години беа ставани настрана или, би рекол, поттурнувани поради различни причини. Новиот договор значи отворање и повик за мобилизација кон тие луѓе. Затоа што оние што ја злоупотребуваат власта сакаат и имаат интерес токму овие луѓе да останат политички индиферентни и незаинтересирани, што, пак, остава простор лошите поединци со лукративни интереси да одлучуваат во името на сите други. Токму новиот договор, во времето што го нарекуваме втора епоха, треба да направи драматичен пресврт на обединување и заеднички патриотизам, што треба да биде точката на заеднички интерес на сите луѓе што живеат во нашата Македонија. Исто така, концептот на новиот договор значи и отворање на партијата за сите добронамерни поединци и групи, без оглед на припадноста кон заедниците, да учествуваат во револуционерните промени во начинот на однесување на политичката сцена и промените што треба да се случат за новата иднина, која им ја должиме на граѓаните. Нашата заложба е нашиот сон за револуционерни промени, кои треба да нѐ извадат од триесетгодишното блато во кое сме како држава.

Македонија не доби датум за почеток на преговори за членство во ЕУ и бугарското вето остана, што предизвика уште една огромна разочараност кај граѓаните и јавноста. Каде го гледате излезот од оваа ситуација? Има ли воопшто простор за евентуални нови отстапки и треба ли да се откажеме од тоа дека сме Македонци, од македонскиот јазик, историја, идентитет?

– Македонија и ние како Македонци немаме простор за какво било откажување. Ова е новосоздаден спор за време на оваа власт, а токму попустливоста, но и пазарџискиот менталитет на првиот човек на Владата, ѝ ги отвори апетитите на Бугарија, која во таквото блокирање го наоѓа својот интерес за внатрешната битка на тамошната политичка сцена. Македонските црвени линии се содржани во Резолуцијата изгласана во Собранието на Македонија и нема простор за попуштање на штета на националните интереси. Во последните два-три дена ќе чујам воодушевување од власта, Владата, вицепремиерите, претседателот на државата дека го поздравувале новиот пристап на новата бугарска владата кон овој спорт. А што кажа премиерот Петков, кое власта го оценува за позитивен нов пристап? Дека ќе разговараат не само за историјата туку и за други полиња важни за спорот меѓу двете држави.
Во исто време, кога наредниот ден Владата во Бугарија и нивниот претседател на државата повторуваат дека остануваат на бугарската декларација, која ги оцртува максималистичките и, би рекол, асимилаторски бугарски барања кон нас. Дополнително на ова ќе излезе и бугарски европратеник со изјава среде Европскиот парламент дека Македонија била втора бугарска држава, а притоа никој во македонската влада, македонското МНР, вицепремиерите, претседателот на државата нема да излезе и да го осуди таквиот негаторски однос. Притоа во јавниот етер останува само нивното воодушевување од, како што тие го нарекоа, новиот пристап на бугарската влада, кој всушност значи непроменети позиции. Тој пристап може ќе значи повеќе пари за некој авионски билет повеќе за средби на Бучковски и Османи, но нема да смени ништо суштински, зашто е јасно дека Бугарија останува на своите позиции.
Во тој контекст, Владата, оваа и секоја наредна, мора да води офанзивна и проактивна политика на заштита на нашите интереси. ВМРО-ДПМНЕ е за отворени односи со нашите соседи, но и за заемно почитување. Ако бараат почит, тогаш ќе мора да дадат почит. Впрочем, тоа е принципот на реципроцитет. Од друга страна, јасно е дека оваа влада повеќе не може да испорача квалитетни реформи што ќе гарантираат напредок на полето на интеграциите. Исто така се губат причините за седење во Владата и на Алтернатива и сите други партии на кои изговор им беше напредокот во полето на евроинтеграциите, кои, еве, гледаме дека не се случуваат. Затоа изборите се едно од одржливите и неопходни решенија. На државата ѝ се потребни нова енергија и нов елан.

Според вас, кои се најголемите предизвици за Македонија во овој миг, на внатрешен и на надворешен план?

На внатрешен план најголем проблем е сиромаштијата, како и фактот дека сѐ поголем број нови луѓе сѐ повеќе осиромашуваат. Економијата би рекол дека е разорена, додека Владата не нуди ништо атрактивно за поддршка на она што треба да биде двигател на стопанството. Уште еден заеднички проблем за сите краишта и градови на земјата е сѐ поголемото иселување. Стотици илјади граѓани ја напуштаат државата и се во потрага по подобар живот во странство. И не е само онаа категорија луѓе со ниски примања, туку сѐ повеќе луѓе и со повисоки примања се одлучуваат за таков потег, бидејќи одбиваат да живеат во руиниран систем. Друг проблем претставуваат немањето правда и високиот степен на корупција. Денес се плаќа мито за вадење обичен документ од државна институција, за медицински преглед, за операција на клиника и што уште не. Државава е рекордер на скалите за корупција и најзапрепастувачки е што Владата и институциите што треба да бидат задолжени за тоа не даваат никаков отпор. На надворешен план најголем проблем е тоа што Владата нема државна стратегија за заштита на националните и државни интереси поради што и државата е предмет на уцени. Исто така, Македонија е предолго надвор од рамките на Европската Унија, што е и последица на фактот дека нема реформи, нема одговорност кога ќе имате сообраќајка во која ви умираат 45 луѓе, кога немате систем за заштита на граѓаните. Македонија ја нема во глобалниот распоред на силите во балкански рамки и неподготвена ги пречекува новите процеси.

Во прагматична смисла на зборот, политичката практика на коалицирање и постојано давање отстапки на помалите партии се претвори во Дамоклов меч за носечките партии во власта. Такво искуство има и ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт, но тоа се повтори и при неодамнешните преговори за ново мнозинство во Собранието, за поддршка за нова влада. Дали со ваквите практики и политики се плаќа преголем данок на штета на мнозинството граѓани и на штета на државата, а во интерес на ситнополитички интереси на помалите коалициски партнери и желбата да се дојде или остане на власт по која било цена?

– Јас ја почитувам секоја политичка партија и немам никаква задршка да разговарам со кој било политички субјект, без оглед на неговата ориентација и големина, кога ќе проценам дека тоа е од интерес за државата и народот. Но не можам и нема да прифатам, ниту сега, ниту во иднина, уцени и непринципиелни договори со која било политичка партија. Необезбедувањето мнозинство во Собранието и оние тврдења на Кастриот Реџепи дека им давал шанса на европските интеграции, по новото бугарско вето паѓаат во вода. Прашањето е дали сега Кастриот ќе се повлече и ќе се извини пред граѓаните или, пак, ќе продолжи да седи во скутот на власта? Наедно и Алтернатива треба да одбере дали ќе биде алтернатива на власта или партнер на ДУИ во делењето на власта? Јас мислам дека политиката мора да биде прашање на принципи и вредности, а не спротивното.

Стана вообичаена практика по секој поголем проблем во државата, решенијата да се бараат преку нови избори. Дали само со избори може и треба да се бараат решенија на натрупаните проблеми во државата и во општеството?
– Не сметам дека изборите се секогаш решение и дека секогаш треба да се бара излезот во избори, но тоа не е случај што кореспондира со актуелната состојба. Нема повеќе ниту една причина оваа влада, која, ќе споменам, беше делегитимирана на локалните избори, да продолжи да владее и да управува со државата. Не нуди ниту реформи во економијата, ниту, пак, може да донесе европска перспектива. А државата, со СДСМ на чело, влегува во нови неизвесности и предизвици што стојат на патот на Македонија. Затоа изборите се единственото решение. И ние бараме тие да се случат што поскоро уште оваа пролет. Секое продолжување на актуелното статус кво, без да има избори, ќе значи продлабочување на проблемите.

Во вашата програма ја споменувате потребата од национално обединување за справување со предизвиците на државата? Како планирате да се спроведе тоа во практика? Кога се споменува „обединување“, првата асоцијација кај граѓаните и јавноста е такво нешто да се случи помеѓу двете најголеми партии по суштински прашања од национален интерес. Дали е тоа можно?

– Како што реков и претходно, ќе разговарам со секого и за сѐ доколку ценам дека тоа е во интерес на народот и Македонија и тоа не ми е тешко. Наедно, ВМРО-ДПМНЕ денес е реформирана партија што фати чекор со модерните времиња. Тоа не го гледаме во СДСМ, чиј актуелен претседател гледаме како му се поклонува на претходниот, што укажува дека „заевизмот“ не е поразен. Меѓу другото, треба многу луѓе таму и да одговараат поради пропуштените можности и сомнителните зделки, кои многу лесно создадоа милионери во власта. Но да се вратам на вашето прашање – кога интересот е Македонија треба да седнеме да разговараме, и не само за реформи туку и за политики. Ние токму затоа поднесовме Резолуција во Собранието за проблемот со Бугарија, која СДСМ ја прифати. Токму затоа поддржуваме и законски решенија во оној дел во кој сметаме дека им носат добро на граѓаните. Ниту сме суетни, ниту, пак, се водиме од ситнопартиски интерес. Но реагираме кога Владата коленичи пред други, на штета на нашите државни и национални интереси.

Имате ли како партија одговор и решение за националните предизвици во контекст на евроинтеграциите и блокадата од страна на Бугарија?

– Потребно е да се разговара, да се има широк консензус меѓу сите политички чинители и да се држи иста позиција, со што ќе се убедат нашите соговорници во неодржливоста на спорот. Да се фокусираме кон точките што нѐ обединуваат и каде што можеме да ја продлабочиме соработката и, секако, да лобираме интензивно кај нашите пријатели од Европската Унија. Ова последно вето од Бугарија поминува без ниту една билатерална средба на премиерот од Македонија со премиер на друга влијателна земја-членка.

Иако декларативно многу се зборува за економијата, во практика состојбите се далеку од поволни. Какви економски реформи планирате, со цел заживување на економијата и поголем раст на БДП?

– Најголем дел од времето ќе го посветиме на економијата, бидејќи и таму се најголемиот дел од актуелните проблеми кај граѓаните. Нашата цел и визија како партија ќе бидат да се бориме во една временска дистанца да постигнеме економски стандард како во една Австрија. Нашата цел како дел од тој нов договор за кој зборуваме е намалување на персоналниот данок и на данокот на добивка на 8 отсто. Персоналниот данок за млади луѓе да биде 0 проценти, а секоја година по стабилизирањето на економијата да имаме раст до 6 отсто. Да постигнеме едноцифрена невработеност преку поддршка на домашните и странски инвестиции. Да регулираме пазар за трговија со криптовалути, трговија со примена на блокчејн-технологија. Во образованието да имаме универзитет во првите 500 според Шангајската листа, за двојно да ја намалиме корупцијата, па наместо на 111-то место на „Транспаренси“ да бидеме меѓу првите 50. Наша цел и наша визија е да создадеме систем во земјоделството на сигурен откуп за земјоделците и извоз на производител, нешто што три децении не го правиме. Во културата да се вмрежиме, да станеме дел од европските збиднувања. Македонија има што да каже на овој план. И најпосле, да доживееме Македонија да стане дел од Европската Унија. Јас верувам дека ќе го постигнеме и ова и за таа цел ни е потребен секој човек, вели лидерот во интервју за „Нова Македонија.

По неодамнешниот избор на нови раководства во двете најголеми партии, но и најновите случувања на планот на евроинтеграциите, „Нова Македонија“ побара интервјуа од лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при што уште веднаш добивме согласност и од двете страни. Идејата ни беше двајцата лидери да ги изложат своите ставови на идентични прашања, за кои сметаме дека во моментов се најважни за иднината на државата и граѓаните и, со еден компаративен приод, на читателите на нашиот весник да им понудиме одговори од прва рака за моделите за надминување на повеќеслојните предизвици во Македонија, почнувајќи од здравствената, политичката, енергетската и економската, како и бугарското вето, но и на редица други притисоци со кои се соочува државата. Во меѓувреме концептот се промени и добивме одговор само од едната страна. Во интерес на јавноста и правовременото и професионално информирање, во денешниот број го објавуваме интервјуто со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а дополнително, штом ќе стигнат одговорите, ќе го објавиме и интервјуто со претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.