Сега нема да зборуваме за одговорност, сега треба да зборуваме за лојалност кон државата, лојалност кон граѓаните и да покажеме над партиски интерес како политичари и да се вклучиме во првата линија на одбрана на здравјето на граѓаните, тоа е важно, истакна денеска Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

За одговорност нема да зборувам ниту пак имам намера да зборувам. Кога ќе се надмине цела оваа ситуација тогаш ќе зборуваме за одговорност, и кој профитираше и зошто профитираше и ќе покажеме докази. Сега ниту имам намера ниту пак ќе слушните од мене одговорност кон било кого, ниту за Филипче, ниту кон Оливер Спасовски, ниту кон Зоран Заев, ниту кон било кој друг. Сега треба сите рамо до рамо да застанеме, да се вклучиме во првите линии на одбрана на здравјето на граѓаните. Тоа е пред се и над се. Другото ќе го зборуваме откако сето ова ќе заврши. Затоа и кажав дека во овој момент не сакам да зборувам дали има логика за одржување на предвремени парламентарни избори. Сакам да зборувам како да ги заштитиме граѓаните, да ја одржиме макроекономската стабилност да не се случуваат панични напади помеѓу граѓаните, а ние политичарите сме должни тоа да го овозможиме. Тоа е она што мене ме интересира како претседател на најголемата политичка партија и сите структури на партијата се во функција и само во функција на тоа, порача Мицкоски.