Во Хелсинки почна работниот дел на Конгресот на Европската Народна Партија (ЕПП), каде што 758 делегати треба, меѓу другото, да го изберат кандидатот на ЕПП за претседател на Европската Комисија. Две носечки теми на приот работен дел од Конгресот се„Просперитет за сите – повеќе раст и работни места” и „Предизвиците на Европа со миграција”. Обезбедувањето на границите особено при мигрантски бран, е исто така една од главните теми, при што ЕПП повикува на градење своевиден Маршалов план за тоа прашање.
Но, Брегзитот и избор на кандидат за претседател на идниот состав на Европската комисија се двете главни теми. Како топ-канидати се Манфред Вебер и Александер Штуб, кои вечерва ќе имаат јавна дебата.
ЕПП е најголема и највлијателна група на партии од десниот центар, вкупно се 77 партии од 41 земја, а меѓу нив во Хелсинки учествува и делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од партискиот претседател Христијан Мицкоски, кој оствари средба со Вебер. Во делегацијата се и потпретседателот Александар Николоски, меѓународниот секретар Влатко Ѓорчев и советникот за надворешна политика Тимчо Муцунски. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Мицкоски денес и утре ќе се сретне со голем број претставници на сестрински партии.
Вечерва Мицкоски ќе присуствува на Самитот на Европската народна партија, каде што учество земаат претседателите, премиерите и лидерите на опозиција на најголемото и најмоќно политичко семејство во Европската унија. Свое присуство на самитот веќе најавиле Ангела Меркел, Доналд Туск, Жан Клод Јункер, Себастијан Курц, Виктор Орбан, Андреј Пленковиќ, Јанез Јанша и Бојко Борисов.
Од Грција во Хелсинки е лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис кој е најавен како еден од говорниците.
Гласањето за кандидат за претседател на Европската комисија е закажано за утре во 11 часот.
Comments are closed for this post.