Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа во видео- обраќање кое го објави на социјалните мрежи повика на обединување на граѓаните околу, како што рече идентитетските прашања, историјата, историските факти, и корените како народ, како држава и на македонскиот јазик во контекст на ситуацијата со Бугарија.

Тој рече дека ова се прашања за кои нема преговарање и го обвини премиерот Зоран Заев дека денеска признал дека од министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на посетата во Софија било побарано да биде потпишан нов меѓувладин документ, нешто што го тврдеше неговата партија.

„Тоа што беше демантирано експресно и беше прогласено како лажна вест од страна на министерот за надворешни работи, но и од страна на Зоран Заев, денеска доби краен епилог – тоа е дека практично сето тоа кое што го говорев дека постои такво барање беше потврдено од страна на вицепремиерот и министерот за одбрана на нашиот источен сосед, Каракачанов. Тој во денешното негово интервју јасно и децидно говори дека е потребен нов анекс на договорот во кој што ќе бидат вклучени максималистичките и неевропски барања кои што беа содржани во меморандумот кој што го изгласа Бугарскиот парламент, таму некаде есента, ноември, октомври месец 2019 година“, вели Мицкоски. 

Во обраќањето, Мицкоски повтори на предупредувањата што ги добил од висок бугарски политичар за време на сесиите на Европската Народна Партија во Брисел дека сето ова кое што е дел од меморандумот на бугарската Влада и бугарскиот парламент е всушност ветување кое што тогаш го дал Зоран Заев кога бил во опозција.

Во обраќањето тој претставниците на Владата ги нарече егзибиционисти и есперанто политичари, при што упати предупредување „да не се дрзнуваат да прифаќаат ултиматуми кои што се неевропски, бидејќи следната влада на ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да ги почитува, туку никогаш нема да ги земе во предвид“.

„Затоа ве молам, за трезвеност, ве молам за разум и трпение, Македонија, македонските граѓани заслужуваат меѓувладина конференција, заслужуваат отпочнување на преговори после сето она кое што го направија за Европа и европјаните“, им се обрати Мицкоски на граѓаните, додека на власта и порача да не си игра со чувствата на македонските граѓани и македонската нација.