Зоран Заев загуби затоа што тој не го разбира народот, а не затоа што народот не ги разбрал бројките на гласачкото ливче, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот предизборен собир во општина Аеродром, додавајќи дека потценувачка е изјавата на Заев дека народот ги згрешил бројките.
– До вчера власта ни велеше дека ја разбрала пораката, а денес го слушам во едно интервју од Зоран Заев, каде ни вели дека практично изгубил затоа што граѓаните не разбрале за кого да гласаат, па ги помешале бројките на ливчињата. Не знам дали верува во тоа, или тие околу него така го учат, но тоа е брутално потценување на народот. Заев не загуби затоа што народот не ги разбрал бројките, туку затоа што Заев не го разбрал народот, и кога го гледам ова негово бледо и исплашено делување, се повеќе ми оди да повторам дел од неговите зборови – се сеќавате на она – изгубен низ времето го барам семето, ја барам жицата итн. Ете тоа е вистината за Зоран Заев и неговиот game-changе кој е всушност станува неговиот game over, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека фалбите на Заев дека биле најдоброто нема врска со реалноста, затоа што народот е сиромашен, а го очекува и енергетска криза со која оваа власт не може да се справи.
– Кога сме кај реалноста, се поголем број на експерти го потврдуваат она што пред неколку месеци го велев, а тоа е дека не чека тешка енергетска криза и шокови кои може да направат сериозен удар врз економската стабилност на Македонија но и силно нагризување и на и така кревкиот животен стандард на граѓаните, изјави Мицкоски.
Тој потенцираше дека добивме и официјална потврда дека покрај тоа што Зоран Заев, Љупче – Путерот, и останатите од владата си крадат на тендери, договори во четири очи, крадат и струја од регионалниот систем, повлекувајќи струја од системот, затоа што немаме домашно производство.
– Немаме домашно производство, а зошто немаме домашно производство, затоа што крадат. Тоа е суштината зошто ние денеска се соочуваме пред тешка енергетска криза која што сериозно ќе го нагризе нашиот животен стандард и ќе ја доведе под знак прашање егзистенцијата на граѓаните. Вчера ги слушнавме како велат дека едниот блок во РЕК Битола работел, па ќе го вклучиле другиот блок, па излажаа, па доцна во ноќта направија некакви обиди и денеска и двата блока работат како еден бидејќи се на половина снага“, нагласи Мицкоски.
Comments are closed for this post.