Без темелна анализа за буџетот и штетите од корона-кризата не може да се даваат ветувања и да се подготви политичката програма, рече Христијан Мицкоски за време на вчерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на „Алфа“. Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, изборите не се во првите три приоритети во моментот за партијата, туку важно е здравјето на граѓаните, да тргне економијата и луѓето да си ја вратат самодовербата по карантинот.
На прес-конференција генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски рече дека на избори граѓаните ќе оделе со маски, а немало да има митинзи. На избори маските и митинзите се само една од алатките. Основната алатка на која што вие треба да одите на избори е вашата политичка програма, која ќе им ја понудите на граѓаните. Каква политичка програма вие ќе им понудите на граѓаните, ако не ги видите и не ги анализирате ефектите од кризата кои ни се случуваат, прашува Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека е потребна темелна анализа на тоа што следува за Македонија по пандемијата од коронавирусот.
Денес сме мај јас зборувам за март, јуни ќе дојде ќе зборуваме за април. Како ќе одиме јули на избори кога уште не сме зборувале за мај и не знаеме какви ќе бидат ефектите во јуни, јули? Сакам да кажам, без сериозна, темелна анализа на сето она кое што ќе се случи како резултат на пандемијата, со кој образ и која честитост вие ќе излезете пред граѓаните, колку да кажете – еве ќе водиме политика. Најмал проблем e дали ќе носиме маски. Да, здравјето е есенцијално, но што ќе им ветите вие на тие луѓе? Или за вас ветувањето е неважно? Токму тоа е тоа што го зборувам, тоа што ќе го ветиш треба да го направиш, а нам ветувањето ни е важно, рече Мицкоски.
Антикризните мерки на Владата во областа на економијата, според Мицкоски, воопшто не вродиле со плод. Како пример го напомена намалувањето на бројот на вработени во индустријата и индустриското производство, во споредба со ланскиот период, потенцирајќи дека тоа се клучни економски показатели за една економија.
Немаме јасна претстава што се случува во моментов. Ние имаме антиципација претпоставки, сценарија градиме стратегија, но ефектите допрва ќе ги гледаме. Еве затоа ви ги споменав овие два статистички показатели за март 2020 гпдина, бројот на вработени во индустријата и индустриското производство, едниот паѓа речиси 5 посто или 4,5 другиот паѓа 13,7 проценти, преработувачката индустрија паѓа со 14,6 проценти. Што е суштина, што 74 проценти од индустриското производство. А, ние во таа индустрија ги имаме најголемите извозници кои што се во автомобилската индустрија. Тоа го кажав на еден претходна емисија, дека не очекуваат подобрување на состојвата во наредниот период, вели Мицкоски.
Comments are closed for this post.